Новинарските здруженија во Србија незадоволни од судска одлука


Новинарските здруженија во Србија и повеќе невладини организации реагираат дека одлуката на Јавното обвинителство во Белград за отфрлање на кривичната пријава за напад врз новинарите за време на претседателската инаугурација на Александар Вучиќ е срамна и неприфатлива и дека со неа, како што се наведува, се „легализира насилното спречување на новинарите да ја вршат својата работа.”

Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) и Здружението на независни новинари на Војводина (НДНВ) оценија дека одлуката на обвинителството е срамна и преставува доказ дека српскиот судски систем не работи согласно законот и правдата, туку само во интерес на Владата и владејачките партии.

НУНС И НДНВ најавуваа дека по оваа одлука ќе го разгледаат своето учество во постојаната работна група за безбедноста на новинарите, во која се наоѓаат претставници на Републичкото јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи и на новинарските и медиумските здруженија.

На одлуката на Обвинителството реагираше и Здружението на новинари на Србија (УНС), кое смета дека одлуката е „неприфатлива“ и изразува загриженост дека „поднесувањето прекршочни пријави против учесниците на собирот“ може да значи и поднесување пријави против новинари кои беа жртви на насилство.
Реагираа и неколку невладини здруженија и движења. Во сопштението на Иницијативата-„Не го давиме Белград“ се вели дека новинарите на редакциите кои одговорно и објективно работат се под секојдневни притисоци.