Новата субвенционирана авиокомпанија може да добива пари од повеќе места


За да може да им додели финансиска поддршка на авиокомпаниите, Владата подготви посебна уредба во која се дефинирани критериумите, начинот на доделување и документацијата што треба да ја достават превозниците. Уредбата е излезена во „Службен весник“ од 29 мај, а изменета и дополнета е само после 20-ина дена. Изготвувачот заборавил дека авиокомпанијата пред сите други услови, прво мора да има АОЦ, односно дозвола за оперирање во Македонија, па додаден е и овој критериум за доделување финансиска помош.

Втората, битна корекција, е бришењето цела точка, во која стоеше: „Финансиската поддршка за воведување на секоја нова дестинација за периодот за кој се доделува финансиската поддршка не смее да се комбинира со ниту еден друг вид поддршка која би се доделувала за одржување на дестинацијата. Доколку дестинацијата е предмет на финансиска поддршка од страна на друг давател од Република Македонија или од странство, истата нема право на финансиска поддршка“. Што значи, Владата најпрви предвидела дека не смее да се кумулираат привилегиите и авиокомпанијата што ќе добива државни субвенции да не може да добива помош од друг извор, а потоа се премислила, па ја избришала одредбата.

Впрочем, унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ во Македонија добива субвенции од 2002 година. Но компанијата можеше да користи и специјална поддршка што ја дава концесионерот на двата македонски аеродроми „ТАВ Македонија“, за нова дестинација, за зголемување на фреквенција, за зголемен број патници и за зголемен број летови. Ова поддршка ќе му биде достапна и на идниот корисник на државна помош. Финансиска помош може да дава и локалната самоуправа, за развој на авиосообраќајот.

Јавниот повик за субвенционирање на авиокомпании министерот Горан Сугарески го објави во четвртокот и со него се предвидува за три години да се доделат 5 милиони евра помош. Интенцијата е да се промовира охридскиот аеродром како аеродром за нискобуџетни компании. Договорот со новата субвенционирана компанија ќе се потпише во август. Согласно европската регулатива, авиокомпанијата што добивала субвенции има обврска три години по нивното завршување да ја одржува авиолинијата.

Анита Салтировска