Неправилности при организирање училишни екскурзии, инспекцијата споро реагира
Има многу неправилности при изборот на туристички агенции за организирање училишни екскурзии, а инспекциските служби реагираат многу споро, дури и по еден месец од евентуалното пријавување, реагира денеска Стопанската комора за туризам на Македонија.
Според Комората, проблематиката е многу чувствителна зашто се работи за околу 40 илјади ученици, а организирањето на екскурзиите е сведено само на пет до шест од вкупно 400 агенции.
Како што беше речено на прес-конференција, Комората за туризам го алармирала Министерството за образование и наука и побарала директна средба со Рената Дескоска уште во јули годинава, но одговор од кабинетот сеуште нема.
– Посебно имаме забелешка на програмите за екскурзиите кои се почесто ги прават училиштата во договор со родителите без притоа да бидат консултирани туристичките агенции, поради што и екскурзиите неретко се реално неизводливи, истакна претседателот на Комората, Хасан Шакири.
Стопанската комора за туризам бара и измена на постојниот правилник донесен во 2014 година кој оневозможува туристичките агенции отворени по 2014 да организираат екскурзии зашто, согласно одредбите, за да организира училишна екскурзија агенцијата треба да има реализирано најмалку три екскурзии.
Комората бара и поголема транспарентност, односно увид во документите на избраните агенции за организирање училишни екскурзии за да може да поднесат жалба ако се утврди дека тие не поседуваат А лиценца.