Нема спас, зграда кај Мајчин дом ќе се гради, тврди Златко Марин


Нема начин да се спречи градбата на висококатницата покрај Мајчин дом во Аеродром. Градоначалникот Златко Марин вчера се правдаше дека ги употребил сите законски начини да го спречи, но не успеал. Мораториум на градби во општината по примерот на Центар, според него, не е законска опција, туку политичка одлука. Решението за спорната локација, информираше Марин, било во рацете на Уставниот суд, кој имал повеќе од една година да донесе одлука по претставките кои биле упатени до него и да го поништи спорниот Детален урбанистички план.

„Уставниот суд не донесе никаква одлука, иако до него испративме 13 претставки за ДУП И10, кој беше донесен минатата година без дебата и ненајавено. Јас сум на страната на граѓаните и сметам дека зграда на тоа место не смее да има. Затоа и ги повикувам да излезат и да го кажат својот став“, посочи вчера Марин.

Тој рече дека не отстапил од ветувањата што им ги дал на жителите на Општината и дека се обидел на сите начини да го заштити зеленилото. Освен иницијативата до Уставниот суд, Марин вели дека разговарал и со инвеститорот, градежната фирма ЗСФ за размена на земјиште или обесштетување.

„Размената на земјиште постоеше како опција, но требаше да биде направена пред донесувањето на ДУП, кога маркичката сè уште беше зеленило. Кога се пренамени во станбена зграда веќе беше доцна. Во неформални разговори, како што се очекуваше, сопственикот побара многу висока сума. За земјиште што го платил 2,7 милиони, побара меѓу осум и десет милиони евра. Толку не можеме да платиме бидејќи таа сума би ја блокирала Општината за неколку години“, вели Марин.

Според него, не постои ниту можност да се избрише маркичката од ДУП, затоа во 2015 година претходниот министер за транспорт, Владо Мисајловски, донел правилник според кој ниту една парцела не може да се избрише ниту, пак, да се намали нејзината големина.

Во меѓувреме, за само три дена, паркот кај Мајчин дом преку ноќ се претвори во градилиште. Багери влегоа во парцелата во понеделникот доцна вечерта и до утрото зеленилото го срамнија со земја. Градежните работи започнаа само еден ден откако околу парцелата беа поставени лимени огради. На нив вчера осамнаа пораки на револт испишани од жителите на Општината Аеродром. Тие го прозваа градоначалникот Златко Марин, како најодговорен што дозволил зелениот појас да се претвори во зграда. Општината минатиот месец ѝ издала градежна дозвола на компанијата ЗСФ, врз основа на спорниот Детален урбанистички план И10, кој беше донесен лани во април од старата општинска гарнитура. Токму тој план, кој дозволи изградба на нови објекти и на кејот на Вардар, беше еден од адутите на Марин во предизборната кампања. Тој ветуваше дека во општината, која се соочува со енормно загадување во зимските месеци, ќе го запре урбанистичкото лудило и дека нема да дозволи изградба на спорниот објект.

„Златко Марин веднаш да се повлече од функцијата, затоа што не успеа да го исполни ветувањето кое го даде на аеродромци. Парцелата пред Мајчин дом денеска е оградена и започнува изградба на осумкатница“, порачаа од иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“ и закажаа нови протести.

Марин вчера најави дека ќе формира совет за урбанизам во кој ќе членуваат експерти, но и граѓани. Целта е, вели, секој детален план што ќе биде во иднина донесен да ги подобри условите за живот во Општината.

Паркот кај Мајчин дом беше државно земјиште, кое се продаде пред десетина години. Сопственик стана компанијата „Масив констракшн“, која земјиштето му го продаде на инвеститорот ЗСФ, градежна компанија која во последните години градела во речиси секоја општина во Скопје. Спорниот објект ќе има девет ката, деловен и станбен простор.

Сања Наумовска