Неизвесна разврската за над 35.000 амандмани на Законот за јазиците
Се уште не се знае дали утре или во текот на следните денови во Собранието ќе дојдат на дневен ред над 35.000 амандмани поднесени од опозицијата за Законот за јазиците и како ќе се надмине оваа ситуација, која би можела да го блокира Парламентот. Официјално од кабинетот на претседателот на Собранието велат дека до крајот на денот на собранискиот сајт ќе биде објавено дали утре ќе биде закажа 32. седница на која се ставени амандамните.
Во текот на изминатите недели во јавноста излегоа повеќе информации од тоа дека амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за законот со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик, треба или ќе бидат повлечени, до тоа дека разврската би можела да биде со нивно групирање, дека дел од нив се неделовнички и слично. Но, до денеска попладне од пратеничките групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, неформално велат дека се уште нема договор како ќе се постапи и дали Собранието утре или воопшто ќе расправа за амандманите.
Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела на брифинг со новинарите кажа дека очекува скора разврска, а истата вечер во телевизиско интервју најави седница за амандманите најверојатно за вторник.
Сепак, најава за седница нема, туку се остава само можност за нејзино одржување. На денешната редовна понеделничка средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Парламентот Џафери, без претставник на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со точката за амандманите за Законот за јазиците не било договорено ништо конкретно, информираат од владејачкото мнозинство.
– Претседателот најави можност за утре да биде закажано продолжение на две прекинати седници и тоа 11-та и 32-та на која се наоѓа и точката за Законот за јазиците, но на дневен ред на оваа седница има уште неколку точки за важни и итни предлог закони, посочуваат од владејачкото мнозинство.
Доколку парламентарните партии од власта и опозицијата попладнево не постигнат договор можно е точката на дневен ред на која се амандманите да биде прескокната, и пратениците да се изјаснуваат за останатите точки на дневен ред на 32. седница.
На оваа седница на дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, по скратена постапка, на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, по скратена постапка, на Законот за заштита на укажувачи, на Законот за народниот правобранител, измените на Законот плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, измени на Законот за пратениците, во прво читање и други.
На 11. седница, пак, се останати само измените на Законот за заштита од пушењето, по скратена постапка