Наследниците на Иванов прво сакаат да скокнат, па да кажат оп


Кандидатите чии имиња се споменуваат како потенцијални наследници на претседателот Ѓорѓе Иванов не сакаат пред време да се истрчаат во јавноста и да ги коментираат првичните сондажи во матичните партии. Во владејачката партија акцентот е ставен на претстојниот самит на НАТО и на есенскиот референдум за името, додека опозициските фаворити чекаат работите да се искристализираат, а потоа јавно да ги соопштат своите ставови.

Доколку в недела би се одржале шестите претседателски избори во Македонија, а не како што е предвидено наредната пролет, социјалдемократите би требало да одлучат меѓу Радмила Шекеринска и Стево Пендаровски, а ВМРО-ДПМНЕ меѓу Трајко Славески и Зоран Ставрески.

Министерката за одбрана вчера не ни одговори на прашањето дали би прифатила да биде претседателски кандидат на СДСМ, односно дали има претседателски амбиции. Неодамна изјави дека шпекулациите оти е најсериозен кандидат за наследник на Иванов ги нарече „токму тоа е вистинскиот збор, шпекулации, а тие не се покажуваат секогаш како точни“, потенцирајќи оти во моментов за земјава има многу поважни работи. Според информациите, во партијата на власт не се задоволни од слабиот рејтинг што го има таа како министерка за одбрана, односно нејзините акции многу подобро котираа пред и на почетокот од владеењето на Зоран Заев и на неговиот тим. Затоа, пак, актуелниот национален координатор за НАТО, Стево Пендаровски, ужива константна поддршка во јавноста и затоа се лицитира и со неговото име, кога се во прашање идните претседателски избори. Тој беше кандидат за претседател пред пет години, но загуби во вториот круг од Иванов. Пендаровски, во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ беше во полна сила и со маневарска поддршка на ДУИ, а СДСМ ни на небо ни на земја, освои 398.077 гласа, што се сметаше за солиден резултат имајќи предвид дека неговиот противник освои високи 534.910 гласови. По професија, тој е дипломиран правник.

Со оглед на мојата работна позиција, не размислувам за ништо друго освен како да се довршат втората и третата фаза од договорот со Грција. Втората е при крај, ратификацијата во парламентот, а третата е успешно спроведен референдум и обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието што ќе ги изгласа уставните измени. Според мене, овој референдум е рамен на оној за независност во 1991 година. Затоа, сиот мој ангажман ќе биде насочен таму, како и кон претстојниот самит на НАТО, на кој очекувам да добиеме покана за членство. За претседателските избори има време“, ни изјави Пендаровски.

Всушност, целиот капацитет на владејачката коалиција е ставен во функција на извршување на одредбите од преспанскиот договор, но малку по малку почнува да се размислува и за изборите, кои можат да ѝ обезбедат целосна власт. Како претенденти за претседателска кандидатура се споменуваат и вицепремиерот Кочо Анѓушев, потоа шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и неколкумина бизнисмени, меѓу кои и Трифун Костовски.

Двете сондажи меѓу членството на ВМРО-ДПМНЕ, извршени во април годинава, односно минатиот месец, ги исфрлија имињата на професорот Трајко Славевски и на поранешниот вицепремиер Зоран Ставрески како најсериозни кандидати за претседателските избори. Славески, кој е професор на Економскиот факултет во Скопје, во два наврати беше министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ, но во 2009 година беше „замолен“ од премиерот Никола Груевски да ја напушти фотелјата во Министерството за финансии. Абдицираше против своја волја и оттогаш не беше активен во политиките на партијата, чиј потпретседател беше во 2005 година. По доаѓањето на Христијан Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Славески влезе во Извршниот комитет на партијата. Во јавните настапи редовно ги критикуваше економските политики на владата на Заев.

Искрено, ме изненадивте, не сум размислувал воопшто за кандидирање за претседател на Македонија, па затоа и немам став во однос на сондажите што ги наведувате“, вели Славески.

Ставрески, кој го наследи Славески на министерското место, а од кое се повлече во 2016 година од, како што рече, здравствени причини, се држи настрана од јавноста, особено по објавувањето на „бомбите“ од тогашната опозиција. Во нив тој ги напаѓаше политиките на Груевски. Не е обвинет во ниту еден случај на специјалното јавно обвинителство. Во телефонскиот разговор ни рече оти ќе размисли дали ќе коментира и оти ќе нè побара доколку оцени дека има што да дополни по текстот и информациите што ги објавивме во вчерашниот број за внатрепартиските сондажи на ВМРО-ДПМНЕ.

Далеку зад нив, на третото место е позициониран Срѓан Керим, поранеше амбасадор и претседател на Генералното собрание на Обединетите нации. Неговото име се поврзува со речиси сите претседателски избори во минатото, но никогаш не стана официјален кандидат. Во ВМРО-ДПМНЕ се свесни за негативниот имиџ што го има кај поголемиот дел од јавноста, пред сè поради случајот со шишето и лошото менаџирање со весниците „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, кои на крајот и згаснаа, па затоа не му се даваат големи шанси наредната година да истрча во трката за петти татко на нацијата.

Се оценува дека ниту за СДСМ ниту за ВМРО-ДПМНЕ не е сеедно со каков профил на кандидат ќе истрчаат на претседателските избори кои, всушност, ќе бидат увертира во парламентарните избори, кои во редовен термин треба да се одржат кон крајот на 2020 година. Од тие резултати, како и од исходот на есенскиот референдум, ќе се добие јасна слика на чија страна се граѓаните кога се во прашање двете најголеми партии во Македонија.

Горан Адамовски