Над две третини од новинарите сакаат да сменат професија


Најновото истражување за состојбата на новинарството во регионот, “Невидливо насилство: Стории од редакциите”, беше промовирано денеска во ЕУ Инфо Центарот. Истражувањето беше спроведено во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, а дилемата беше дали новинарите во регионот имаат професионална иднина, аргументирана со сведочењата на повеќе локални новинари. Одговорите на прашањето „Што е новинарот денес?“ најдобро ја покажаа состојбата на духот и на џебот на професионалците од оваа сфера:
„Новинарите се рудари што работат за да преживеат“,
„Новинарот (во Србија) е застрашен и послушен“.
„Новинарот секојдневно се бори со ветерници“.
„Новинарот е борец против цензура, автоцензура и притисоци од сите страни“.
„Новинарот е синдикалец“.
„Новинарот денес е се што не смее да биде“.
„Новинарот е некој меѓу Дон Кихот и Сизиф“.
„Новинарот е потрошна стока“…
За сведочењата кои се обединети во публикацијата, како и за заклучоците до кои дојдоа, говореаа новинарките кои работеа на проектот- Уна Хајдари (Косово), Биљана Секуловска (Македонија) и Жарка Радоја (Србија).
Новинарката Билјана Секуловска рече дека дури 70 проценти од новинарите во регионот би ја смениле професијата, а главни причини за тоа се ниските плати – 42 отсто, додека на второ место е цензурата во редакцијата – 15 отсто. Посочи дека на прашањето дали се слободни јавно да зборуваат за притисоците со кои се соочуваат во редакцијата, 32 отсто одговориле дека не сакаат.
Според неа, главното прашање во истражувањето било дали новинарите можат да се занимаваат со својата работа.
– Прашањето е комплексно и има две причини, пред се има политички притисоци, притисоци во редакциите од страна на уредниците, сопствениците, а на прес-конференции од политичарите, рече новинарката Билјана Секуловска, една од авторите на публикацијата.
Според неа, второто прашање е за политичките права, односно правата на новинарите, неможноста да работат во нормални услови, неможноста да земаат достоинствена плата.
– Новинарите многу често се понижувани, обезвреднувани, малтретирани, понекогаш и сурово од самите уредници, и поради тоа крајното прашање е како новинарите можат да се извлечат од оваа ситуација, доколку пред се бидат солидарни и доколку не молчат, рече Секуловска.
Жарка Радоја од порталот Контрапрес, Србија, една од авторите во истражувањето, рече дека ситуацијата во медиумите во Србија од година в година е се полоша, а за тоа, рече, најдобро говорат истражувањата на релевантни меѓународни новинарски организации, и организации за заштита на човекови права.
– Што се однесува до резултатите од истражувањето, ситуацијата во Србија е многу слична на ситуацијата во останатите четири земји. Новинарите се соочуваат со цензура, мобинг, неостварени работнички и други права, немаат доволно слобода да се занимаваат со својата работа, вели Радоја.
Таа вели оти додека го правеле истражувањето, не биле свесни за количината на страв што новинарите го имаат додека се занимаваат со својата работа и оти општествата во кои новинарите се плашат од својата работа, не можат да се наречат слободни општества.
Уна Хајдари од Косово вели дека таму проблемот е што нема новинарски синдикати кои би се бореле за правата на новинарите и оти се уште постојат етнички поделби во оваа фела.
Каков пак е односот на власта во Македонија кон загрозеноста на новинарите посочи Драган Секуловски од ЗНМ, според кого досега има процесуирано: нула случаи за физички напади врз новинари, нула случаи за цензура, нула случаи за говор на омраза, нула случаи за мобинг…