Мијалков уште чека мислење од СЈО за притворот


Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков уште чека Специјалното јавно обвинителство да даде мислење за гаранцијата од 1 милион евра што ја понуди за да се брани од слобода. Неговиот адвокат Љупчо Шврговски вели дека со оглед на тоа дека се работи за притворски предмет, Специјалното јавно обвинителство треба да даде мислење што побрзо.

Од СЈО велат дека во петок најрано треба да се очекува нивното мислење, а потоа одлука треба да донесе судијата на претходна постапка. Мијалков е во притвор за истрагата на СЈО за случајот „Империја“, исто како и бизнисменот Орце Камчев кој, пак, понуди гаранција во имот вреден над 14 милиони евра. И за Камчев уште нема мислење од Специјалното јавно обвинителство, ниту одлука дали Апелацискиот суд ќе ја прифати неговата гаранција.

Мијалков вчера беше донесен од притвор на судењето за случајот „Таргет – Тврдина“. Судењето за овој случај се одложи на барање на одбраната бидејќи им бил потребен технички советник за да ја разберат стручната терминологија што ја користел сведокот Ѓорѓи Лазаревски. Поради тоа, сакаат да користат советник од информатичка област кој би и помогнал на одбраната да постави прашања, а со цел ефикасна правна заштита.
Според СЈО, барањето на одбраната е неосновано и има за цел одолговлекување на постапката.

Во предметот „Таргет – Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. (Ф.Ф.С.)