Мијалков нуди имот вреден милион евра за да излезе од Шутка


Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање нуди имот вреден еден милион евра за да излезе од истражниот затвор во Шутка. Мијалков понудил три недвижни имоти како гаранција дека нема да бега, но одбраната не открива ниту каков имот се заложува, ниту дали е само во сопственост на Мијалков, или и на роднини и пријатели, како што често знаат да понудат обвинетите во замена за слобода. Во наредните денови се очекува да биде донесена одлуката дали судот ќе ја прифати гаранцијата и дали тој ќе излезе на слобода.

Мијалков е во Шутка од 20 ноември. Првиот притвор му беше определен за предметот за прислушувањето „Таргет – Тврдина“ каде што СЈО како доказ дека ќе избега нудеше допис од Агенцијата за финансиско разузнавање дека поседува 11 милиони евра, но на туѓи сметки. Ова одбраната го негираше и обвини за незаконски притвор. По десетина дена СЈО побара да се укине тој притвор и побара нов, за истрагата за „Империја“. Мијалков се жалеше и за овој притвор но Кривичниот совет го одби. Единствено, од решението ја тргна опасноста дека ќе влијае на сведоци и остана опасноста од бегство.

Пред неколку дена и бизнисменот Орце Камчев, исто така осомничен во „Империја“, доби ново решение од Кривичниот суд со кое му се продолжи престојот во Шутка за нови 30 дена.

Фото: Б. Грданоски