Лазарова-Трајковска: Непристрасно судство е предуслов за владеење на правото


Стразбур е патот кој води кон Брисел во однос на владеењето на правото. Мора да се работи на праксата на Европскиот суд за човекови права, затоа што не постои предмет и аспект со којшто се соочуваат националните судови што не поминал низ предворјето на ЕСЧП.

Ова го порача поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур Мирјана Лазарова – Трајковска на денешната работилница на Работната група – III од Националната конвенција за Европска унија во Република Македонија.

Говорејќи за праксата на ЕСЧП, Лазарова – Трајковска посочи дека токму праксата ги утврдува стандардите за непристрасно и независно судство.

– Независноста и непристрасноста на судството како предуслови за владеење на правото ќе бидат првата лекција во поглавјето 23, рече Лазарова – Трајковска.

Во контекст на тоа додаде дека токму Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан од 2018 до 2025 година почнува со владеењето на правото.

– Стабилното владеење на правото е првото скалило по кое ќе тргнеме и последното на кое ќе завршиме кога ќе дојде време, додаде Лазарова – Трајковска.

Во своето обраќање, меѓу другото рече дека судиите и обвинителите треба да се поттикнуваат и поддржуваат во секојдневното докажување на својта независност и непристрасност во однос на случаите за кои се смета дека имаат политичка димензија.

Пренесувајќи ги искуствата на својата земја на патот кон ЕУ, директорот на Асоцијацијата за надворешна политика на Словачка, Александар Дулеба посочи дека договорот за европското членство треба да биде национален договор и тој процес треба да биде отворен за сите граѓани, за сите НВО и за сите засегнати страни.

– Реформските процеси треба да бидат една добра шанса да се мобилизира македонското општество и да се направи Македонија да биде подобра, рече Дулеба.

Според него добро е да се демонополизира капиталот во евроинтегративните процеси и да се инволвираат сите региони во државата во овој процес.

– Луѓето треба да имаат предвид дека Скопје не е број еден во контекст на евроинтеграциите, туку дека има и други региони во државата кои треба да бидат дел од македонската интеграција, додаде Дулеба.

Словачка, како што рече, е единствената земја од Вишеградската група која успеа да ги претрка своите соседи и влезе во еврозоната, а тоа, според него се случило затоа што биле единствени во остварувањето на целта.

Претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери нагласи дека е убеден оти стратешката определба на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ е добро позната на сите и дека за тоа постои и голема поддршка кај граѓаните на Република Македонија.

– Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија претставува отворен форум за постигнување на поширок општествен консензус за прашања поврзани со пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ. Тоа е модел на мобилизација на стручната јавност за зголемување на интеграциските капацитети на општеството преку дијалог за витални теми во духот на европската легислатива и европските практики, рече Џафери.

Искажувајќи почит и поддршка кон Европското движење во Република Македонија, кои се носители на овој проект во Македонија, Џафери истакна дека ова е прва работна сесија со која ќе се започне токму мобилизацијата на стручната јавност.

Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија, која официјално започна со работа со пленарната седница на 9 ноември 2017 година е базирана врз словачкиот модел и како двегодишен проект, поддржан од УСАИД, СловакАид и словачката Асоцијација за надворешна политика СФПА е имплементиран од страна на ЕДРМ, со поддршка на Собранието на РМи на највисоките државни институции.