Кој ќе ја финансира кампањата за референдумот?


Новите членови на Државната изборна комисија треба да ги расчистат дилемите околу одржувањето на претстојниот референдум за договорот со Грција. Агенцијата за аудиовизулени услуги веќе ги претстави нацрт – препораките за медиумското известување за време на референдумот, но не е јасно кој ќе ја плати кампањата за него и дали во овој случај ќе важат измените на Изборниот законик кои беа изгласани во скратена постапка, а кои предвидуваат финансиските средства за платеното политичко рекламирање да бидат обезбедени од буџетот.
Новите членови на ДИК, кои дадоа свечена изјава пред само неколку дена, ќе треба да дадат објаснување за прашањата кои произлегоа поради тоа што се уште важи стариот закон за референдум кој не е консолидиран со новите измени на изборниот законик.Според првичните најави од ДИК, на денешната седница ќе се донесе роковник и ќе се определат рокови за сите дејствија што се преземаат во однос на референдумот, а се спрема и правилник, кој како подзаконски акт би ги доуредил прашањата кои не се опфатени со законот за референдум.
Претседателот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, Зоран Трајчевски го повтори ставот на Агенцијата дека овие измени се скандалозни и дека новиот Изборен законик кој предвидува политичко рекламирање со буџетски средства, е контрадикторен со постоечка одредба во законот која забранува емитување на реклами платени со пари на граѓани.
„Факт е дека измените не се усогласени со останите одредби од законот. Во член 75 од Изборниот законик наведена е забрана за емитување реклами финансирани од буџетот на државно ниво, од локалните самоуправи и од Град Скопје. Со сега усвоените измени се предвидува на некои идни избори, дали претседателски, парламентарни или локални, платеното политичко рекламирање да се плаќа од буџетот. Овие два члена се меѓу себе контрадикторни и таквиот закон не е применлив“, вели Трајчевски.Тој им порача на политичките партии да се договорат кој од двата члена ќе го укинат за да може да се применува. АВМУ била вклучена во работната група за изготвување на измените, но, онашто го усвоија пратениците во парламентот не било воопшто предмет на дискусија.
Со оглед на тоа што во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните нема прецизни правила за начинот на известување на медиумите, емитувањето јавна пропаганда и почитувањето на молкот, Агенцијата изготви насоки со кои се појаснуваат овие прашања.Таа ги повика медиумите за време на референдумот да известуваат професионаллно, да не заземаат страни и да не емитуваат пораки насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјата.
„Имајќи предвид дека станува збор за исклучително важно прашање, очекуваме медиумите да се однесуваат согласно улогата што ја имаат во развојот и непреченото одвивање на демократските процеси, односно дека ќе се придржуваат до начелата за праведно, избалансирано и непристрасно известување преку создавање услови за еднаков пристап до медиумите на заинтересираните страни“, рече Трајчевски.
За време на кампањата може да се објавуваат анкети на кои јасно треба да се наведе нарачателот, институцијата која го спровела, периодот на спроведување, применетата методологија и големината на испитаниот примерок. Анкетите можат да бидат пуштени во етерот најдоцна пет дена пред референдумот.
Со препораките се регулира платеното политичко емитување кај комерцијалните радиодифузери, како и однесувањето на јавниот сервис, кој има обврска да емитува програми за информирање на граѓаните за начинот и техниката на гласање и да ги покрива сите аспекти на референдумот. Овие препораки се во нацрт верзија и ќе бидат финални по 17 август откако детално ќе бидат разгледани сите забелешки и предлози, што може да ги даваат и самите медиуми.
Фросина Факова – Серафиновиќ