Кој ќе го освои тронот на ВМРО-ДПМНЕ


Истите делегати кои на почетокот на мај 2015 година во Куманово со акламација го реизбраа по четврти пат Никола Груевски за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, наскоро би требало да одлучуваат кој да биде негов наследник на кормилото на партијата.
Ваквата статутарна одредба, како и таа дека кандидат за лидер може да предложат најмалку 30 делегати на конгресот, е само една од причините поради кои меѓу сопартијците на Груевски се појавија многу дилеми околу сценариото што следува откако тој најави дека заминува – по цели 14 години на чело на ВМРО-ДПМНЕ, а откако во изминатите неколку месеци се оглушуваше на сите повици за негова оставка.
По пет месеци опозицинерско дејствување и подолго од еден месец од дебаклот на локалните избори, се очекува Груевски оваа седмица да ја поднесе пред Извршниот комитет својата оставка. Според некои најави, тоа би можело да се случи уште денеска, по што би почнала процедурата за организирање прв вонреден конгрес за избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ во историјата на партијата. Од друга страна, со оглед на фракционерските придвижувања во редовите на новата опозиција, мошне голема е веројатноста ова да биде втор конгрес на ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од еден кандидат за лидер, по драматичниот конгрес во 2003 година во Охрид, кога Груевски и Марјан Ѓорчев се „натпреварува“ за лидерското место на Љубчо Георгиевски.
Всушност, и најавата за оставката на Груевски дојде во вонредна ситуација за опозициската партија, која минатата недела се соочи со масовни апсења на нејзини функционери и поддржувачи за настаните во парламентот на 27 април. Уште истиот ден, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ влезе во политички дијалог со премиерот Зоран Заев, под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов, по што, случајно или не, следуваше најавата дека ќе се повлече.
Поради околностите во кои дојде оваа најава, вклучително и мошне слабиот одѕив на протестите што деновиве ги организира опозицијата, едно од сценаријата што се спомнува во вмровски кругови е дека намерата на Груевски е да постави за свој наследник човек од доверба. Тој би му „чувал“ грб на поранешниот лидер во новосоздадената политичка клима, додека против него и повеќемина негови соработници од времето на владеењето се водат постапки во Кривичниот суд.
Во тој контекст, сѐ погласно се спомнува името на новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој претходно не беше дел од вмровската врхушка и кој неодамна ги „испорача“ условите што би требало да ги исполни идниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, доколку, како што рече, Груевски реши да се повлече.
Мицковски не сакаше вчера да коментира околу можностите за негова кандидатура за челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ.
„Неколку пати се произнесов за тоа прашање и немам што повеќе да додадам. Медиумите ќе бидат известени деновиве за активностите на раководството на партијата“, ни изјави Мицковски.
Тој потврдува дека на очекуваниот вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ би требало да одлучуваат истите околу 560 делегати од конгресот во Куманово. Така, како што вели, е предвидено со партискиот статут, освен ако не се направат промени во него.
Реформаторското крило што се создаде во ВМРО-ДПМНЕ инсистира на промени во партискиот статут за, како што велат оттаму, да се отстранат сомневањата дека се подготвува приватен, наместо демократски и слободен конгрес.
Костадин Богданов, еден од реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ, вели дека оваа групација е подготвена да настапи со свој кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку се создадат статутарни услови за фер и демократски избори на новото партиско раководство.
„На ВМРО-ДПМНЕ сега ѝ треба лидерство што ќе ги врати назад 150-те илјади гласови што ги изгуби партијата и по можност да донесе уште 50 илјади нови гласачи, покрај 300 илјади на кои може да се смета во секое време“, вели Богданов.
Според него, тој квантум на гласови што се потребни за изборна победа не може да се постигне со старите политики и раководни кадри во ВМРО-ДПМНЕ.
„На партијата ѝ е потребен лидер кој ќе биде кредибилен и за албанскиот политички фактор и за меѓународната заедница. Ние имаме луѓе кои ги исполнуваат тие критериуми и може да конкурираат за челната позиција“, вели Богданов.
Од потесното опкружување на Груевски во последните неколку години, кога тој беше и на чело на Владата, како можни претенденти за негов наследник се споменуваат и Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев, кои се дел од „старата гарда“ на ВМРО-ДПМНЕ, како и Никола Попоски и Владо Мисајловски, од поновата генерација вмровски функционери. Се врти и името на претходникот на Заев на „Илинденска“ – поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, кого Груевски го избра за свој наследник кога беше приморан да замине од премиерската позиција.
Димитриев, кој пред две и пол години го организираше последниот партиски конгрес во Куманово, ни изјави вчера дека не размислувал досега околу можноста да се кандидира за прв човек на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега-засега не сум размислувал за тоа. Треба да се види какво е расположението кај членството. Во секој случај, прво треба да се официјализира оставката што ја најави досегашниот лидер, дури потоа би почнала процедурата за вонреден конгрес“, вели Димитриев.
Со оглед на моменталната политичка ситуација и случувањата во партијата, и Димитриев не исклучува можност на претстојниот конгрес да има повеќе од еден кандидат за лидер.
Неофицијалните проценки во ВМРО-ДПМНЕ се дека еден од кандидатите за нов лидер, секако, ќе биде фаворит на Груевски, како што и тој беше адут на Георгиевски, кога тој се повлекуваше од партијата по изборниот пораз во 2002 година, за потоа да ги расипат односите. Но кој би бил адутот на Груевски, како што се проценува, зависи од целта што долгогодишниот лидер се стреми да ја постигне со ненадејната одлука за повлекување. Дали намерата му е да остави личност која не би го засенила многу брзо во ВМРО-ДПМНЕ и би обезбедила политичка заштита од судски прогон­? Или, пак, му е потребна политичка фигура што ќе му го чува „столчето“ и наместо него ќе учествува во крупните политички процеси што ѝ престојат на државата, а кои ги најави Заев по неодамнешната средба со Груевски, соопштувајќи дека очекува целосна вклученост на опозицијата во тој процес? Секако, една од варијантите (која моментно не изгледа најизвесна) е Груевски навистина да е подготвен да се повлече целосно од политиката и да го остави членството на ВМРО-ДПМНЕ само да избере лидер што ќе го предводи во опозициските денови што му престојат – сѐ до следните избори, кога и да се одржат тие.

Александра М. Митевска