Координативно тело ќе следи како се остваруваат правата на лицата со попреченост


Во рамки на Владата да се формира координативно тело кое ќе биде задолжено за имплементација на одредбите од Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост, која Република Македонија ја ратификувала во 2011 година, било договорено на денешната средба на премиерот Зоран Заев со претставници на сојузот на дефектолози.

Телото, како што информира владината прес-служба треба да биде составено од национален координатор и двајца заменици.

Премиерот Заев, истакнувајќи дека еден од врвните приоритети на оваа Влада е подобрување на условите за живот на лицата со попреченост, посочил дека координативното тело мора да има улога на генератор на сите позитивни промени во општеството.

– Со тоа ќе биде и пример како треба да делуваат институциите кои работат на оваа проблематика, потенцирал Заев.

Било договорено и формирање на надворешно, мониторинг тело, кое на предлог на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ќе го предводи Народниот Правобранител. Телото ќе ја мониторира и критикува работата на координативното тело во рамки на Владата на РМ.

– Сите проблеми се решливи, само неопходна е волја од надлежните институции, потенцирала министерката Царовска, која присуствувала на средбата.

Со формирање на координативното тело, како што истакнале на средбата од Сојузот на дефектолзи, Владата покажува дека дефектолозите ќе бидат рамноправен партнер на државните институции.