Комплетирани Уставниот суд и Советот на обвинители


Државниот правобраните Насер Ајдари е избран за нов уставен судија, на денешната собраниска седница. Паралелно, и адвокатите Ангел Солев и Ангеле Илиевски се изгласани за членови на Советот на јавни обвинители. Со тоа се комплетира составот на двете правосудни институции, кои подолго време функционираа во неполн состав.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии, а Ајдари доаѓа на последното испразнето место, односно на позицијата на Исмаил Дарлишта. Ајдари е избран на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања и од редот на немнозинските заедници. Мандатот на уставните судии е девет години без право на повторен избор.

И Солев и Илиевски се избрани во Советот на обвинители на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања. Тие ќе ги пополнат последните две празни места во оваа институција, која неодамна беше критикувана од американскиот амбасадор Џес Бејли за непотизам и судир на интереси.

Советот на јавни обвинители е составен од 11 члена, од кои четворица ги избира парламентот. Членовите на ова тело имаат мандат од четири години, со право на реизбор.

Двајцата скопски адвокати влегуваат во Советот на местата на поранешниот уставен судија Зоран Сулејманов, кој замина во пензија и на сашо Василевски, кој беше именуван летоска за директор во МЕПСО.