Комисијата за уставни прашања го поддржа четвртиот амандман на Уставот


Собраниската Комисија за уставни прашања доцна попладнево со девет гласа „за“, пет „против“ и ниту еден „воздржан“ го поддржа четвртиот амандман на Уставот што произлезе од потребата за имплементација на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција. Со усвојување на овој амандман Комисијата ја заврши расправата по четирите предложени нацрт-амандмани.

Со нацрт-четвртиот амандман се предлага покрај потврдување на македонскиот идентитет, да стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Претходните денови Комисијата усвои три амандмани на Уставот. Со првиот амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект, со вториот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор, а со третиот  се додава нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичка независнот на соседните држави.

Расправата по амандманите во Комисијата почна на 7 ноември и беше предвидено да трае 12 дена.

Пленарната седница на која треба да се разгледаат нацрт-амандманите е закажана за 1 декември. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас. По усвојувањето на амандманите во Собранието ќе биде организирана јавна дискусија, по што Владата ги изготвува предлог-амандманите и повторно ги доставува до Собранието кое треба да ги донесе со двотретинско мнозинство или за нив ќе треба да гласаат најмалку 80 пратеници. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство. 

На 19 октомври Собранието со 80 гласови „за“ ја донесе одлуката за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа. За потребата за уставни измени гласаа и осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во попладневата расправа за четвртиот амандман независната пратеничка Владанка Авировиќ предложи во процесот на имплементација на Договорот од Преспа да се вклучат 35, 40 еминентни историчари, културолози, етнолози, по што во реплика претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев рече дека ако паритетот се комисиите на пример по седум члена никој не им брани да направат други комисии, ќе работат кај премиерот, во Парламентот, ќе бидат помош на номинираната Комисија, ќе имаат заменици и сл.

– Поучени од историското искуство 27 години, гледајќи како си заминува народот и како одиме, до кај ќе одиме и дека и покрај добиени пресуди во Хаг. Политички е проблемот и се погоди веројатно и човек и луѓе на грчката страна за да можеме да изнајдеме решение. Точно е ние добивме ерга омнес идентитет, тие добија ерга омнес име. Тоа е факт, но конечно имаме држава признаена од сите. Да ќе бидеме Република Северна Македонија, но секој ќе не признава во светот. Никој повеќе нема да не негира исто со неоспорно право на себеидентификација и никој нема да го спори. Многу е важно тоа оти дел од она што сме го учеле во нашата историја од нашите татковци, дедовци, прадедовци пренесено и како предание била потребата нашиот народ македонски да има своја земја каде живее македонски народ кој зборува македонски јазик. Во Грција нема друг јазик освен грчкиот, нема друг службен јазик и тука многу лесно ја најдовме формулацијата да се признае македонскиот јазик, рече Заев и додаде дека чувствителен е целиот овој процес.

Посочи дека со завршување на целиот овој процес ќе биде премиер на Република Северна Македонија, но ќе зборува за македонско здравство, за македонска економија, за македонска книга, за македонски јунак и во тој аспект кажува дека имаме и сериозни придобивки.

Лидија Тасевска од СДСМ рече дека со потпишувањето на Договорот од Преспа се става точка на сите прашалници кои постоеле досега кои директно или индиректно биле негирање на сите нас, се става точка на сите предизвици по нашиот идентитет, идентитетските прашања, па дури и за нашата државност.

Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ истакна „се што грчката страна побарала, што и текнало да додаде, измени, да дообјасни оваа Влада го прифати“ – Името го носи идентитетот. Се менува името на Републиката. Значи автоматски се менува идентитетот, додаде Стојаноска.