„Кастинвест“ се откажа од грантот од Фондот за иновации


Компанијата „Кастинвест“ соопшти дека се откажува од грантот за мали и средни претпријатија со брз пораст (газели) добиен од Фондот за иновации и технолошки развој преку повикот за мерките од третиот столб со владиниот План за економски раст.

Како што информираат од „Кастинвест“, грантот не го добиле затоа што бил условен со инвестиција од нив како компанија од околу 330.000 евра кои требало да се вложат во рок од една година. Средствата од Фондот  требало да дојдат по фази на реализација.

Истакнуваат дека како компанија ги задоволуваат сите услови за добивање на грантот, а во сопственичката структура на компанијата фигурира Брако како косопственик, а не вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев како поединец.

– Тоа е јасно прикажано во документи при поднесување на апликација за доделување грант за компании со брз пораст (газели). Последниве денови бевме на удар на јавноста, бевме повикувани како компанија во негативен контекст, изнесени беа низа невистини за „легнати пари на сметка”,  а без притоа да се презентира целосно сликата за побараната помош и за инвестициите кои ги имаме во моментов, се вели во соопштението.

Секој бизнис, се додава, има право да се развива согласно истите услови за сите, услови кои очигледно не важат за нас. Ова не става во многу неповолна положба и во поглед на конкуренцијата и во поглед на натамошниот развој. Поради потребата да се задржи репутацијата на компанијата која непотребно беше на удар на јавноста и покрај одличниот проект со кој се отвораат нови работни места и се внесуваат нови технологии, донесовме одлука да се откажеме од целиот процес.

Во појаснување за што им биле потребни инвестициите ги наведуваат плановите во следните пет години да го зголемат асортиманот и да ги прошират производните капацитети во МЗТ Леарница-стечај каде претходно вложиле пет милиони евра и дополнителни милион евра за рестартирање на производството и набавка на опрема.

Производната програма, појаснуваат, се однесува на производи за водоводна и канализациска арматура и одлеаноци за машинска индустрија, што се производи за кои има пазарна побарувачка во регионот и пошироко.

– Партнерството со Брако пак е последица на комплементарноста во производството на двата капацитети. Во Брако најдовме партнер којшто има искуство во извоз и секако развиена логистика за производство. Планот за следните пет години е леарницата да го зголеми асортиманот и да ги прошири производните капацитети. Поради тоа и аплициравме за грант во Фондот за иновации. Вкупната инвестицијата на проектот е 500.000 евра и е наменета за купување нови CNC машини, машини за брусење, мерна опрема, опрема за бојадисување, стекнување меѓународни сертификати потребни за странските пазари и сертификати и опрема за исполнување на еко стандардите. Со инвестицијата е планирано двојно зголемување на бројот на вработени. Планираме 80 проценти од производството да биде наменето за извоз, стои во соопштението и се дополнува дека следните денови ќе се состане Одборот на содружници на „Кастинвест“ и ќе донесе одлука за своите понатамошни чекори.

По информациите во медиумите за поврзаност со фирмите кои добиле пари на повикот на Фондот за иновации, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вчера ги повика косопствениците на неговите фирми да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат.

– Планот за економски раст е модел врз кој се темели владината економска политика за раст и развој на компаниите на кои им се обезбедувааат еднакви услови и фер третман за сите. Не смееме да дозволиме да се фрли каква било дамка на целиот процес кој патем е кристално чист – транспарентни кртериуми, јасно дефинирани услови и фер шанса за сите кои ги исполнуваат – тоа се принципите врз кои ја градевме програмата за економски раст. Јас сум длабоко убеден дека економија изградена на поддршка на компании кои се развиваат е успешна економја која нуди повисоки плати и подобар животен стандард за граѓаните, изјави Анѓушев за МИА.

По објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување грантови со јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас.

Од Обвинителството соопштија дека преземаат дејствија за утврдување на факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамки на третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран.