Кампањата почна, референдумот може да почека


Македонската владина делегација се врати вчера од Брисел во Скопје со покана за членство во НАТО и со домашна задача – да го организира референдумот во врска со договорот со Грција, да обезбеди негова успешност, по што би се преминало на уставни измени. Увертира во исполнувањето на овие обврски, пак, ќе биде вечерашнава прослава по повод поканата што Владата ја организира во 15 градови во земјава. Тоа, всушност, значи и почеток на неформалната кампања за референдумот за што владејачките партии веќе ги ставија во погон сите свои ресурси.

Дури и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, се обрати вчера со видеоповик до скопјани да слават заедно во Градскиот парк. За синоќа, пак, во Владата беше најавена т.н. консултативна средба со граѓански организации на која ќе учествува и премиерот. На оваа средба, како што беше соопштено, требаше да се разговара за актуелни прашања од важност за напредокот на Македонија, вклучително и структурата на преговори за пристапување на земјата кон Европската Унија. Сепак, шпицот на кампањата (поточно нејзиниот формален дел) се очекува кон крајот на летото, односно во септември.

Според премиерот Зоран Заев, прославата по повод поканата за НАТО е многу вредна и има за цел да се одбележи децениската аспирација на Македонија. Одлуката за организирање прослава е на Владата, а концептот, како што вели Заев, значи децентрализација, различна и квалитетна музика во многу градови, како и богата културна програма.

„Одлучивме музиката да ја донесеме кај граѓаните, а не со автобуси да ги носиме граѓаните да прославуваат“, изјави Заев.

Тој појасни дека целата програма е колку две театарски претстави што ги финансира државата. Трошоците, рече, се од буџетот, а вклучуваат ставки за бина, озвучување, осветлување, надомест за музичарите, промоција… Сумата за организирање на прославата, како што е најавено, ќе биде објавена веднаш откако владините служби ќе ги имаат целосните информации од сите субјекти кои се вклучени во настанот, кој е поддржан и од локалните власти.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Владата манипулира со прославата по повод добивањето на поканата. Државата, според опозициската партија, не е ни близу до покана, ниту до членство во НАТО и ЕУ, туку станува збор за лаги на СДСМ.

„На граѓаните и на Македонија не им е воопшто до славење. Македонија е вратена илјадници чекори назад, не сме ни блиску до влез во ЕУ и НАТО и на крајот сме лидери единствено во криминал, корупција, убиства. Оваа Влада веќе наликува на циркус. Затоа мора веднаш да падне и да си замине. Доста е од лаги, доста е од враќање илјадници чекори назад“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Овој викенд, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на различни начини ќе го манифестираат својот став во однос на договорот со Грција, кој е главниот аргумент за добивањето нa поканата во Брисел. Наспроти денешните прослави во повеќе градови, утре ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи протести во Кавадарци. Но, во деновите што следуваат, владејачките партии и опозицијата ќе треба да седнат на иста маса за да ги договорат деталите околу референдумот.

Заев изјави вчера дека дебатата во врска со референдумот и сите прашања поврзани со него, меѓу кои и формирањето на ДИК, ќе почне кон крајот на овој месец.

„Прво треба да се запази моментот на составувањето на ДИК. Тоа нема, ниту треба да има каква било поврзаност со одржување на референдумот. Тоа е логично прашање кое дојде по оставките на членовите на ДИК“, рече Заев.

Тој потсети дека со опозицијата е договорено таа да го има претседателското место во ДИК, а партиите од владејачкото мнозинство да имаат четири члена. Изрази уверување дека деновиве преговарачките тимови ќе успеат да ги усогласат ставовите и оти ќе нема услови што ќе имплицираат блокирање на претстојниот референдум. Заев очекува брзо формирање на ДИК. Заев вели ДИК треба да се формира веднаш, бидејќи тоа е обврска на парламентот и на сите политички чинители во државата.

Претстојниот период ќе се дебатира и за датумот на референдумот, референдумското прашање, неговиот карактер.

„Граѓаните имаат право и треба да се изјаснат на референдум“, рече Заев, посочувајќи дека има референдуми со различна тежина, но овој има историско значење, бидејќи со него ќе се дефинира иднината кон која се стреми нашата земја.

Според Законот за референдум, од закажувањето до одржувањето на референдумот треба да поминат најмалку 60, а најмногу 90 дена. Според тоа, ако претстојниот референдум не биде распишан до крајот на месецот или евентуално во почетокот на август, тешко е да се стигнат последните рокови што премиерот ги посочи како можни за гласање: 30 септември или 7 октомври. Особено ако се има предвид вчерашната најава на Заев дека дијалогот околу деталите за референдумот ќе почне кон крајот на овој месец.

Се очекува кампањата на владејачките партии во наредниот период да биде насочена кон поголема мобилизација на гласачкото тело, со оглед на високиот праг од над 50 проценти излезност што треба да се постигне. Од референдумскиот исход зависи потоа дали ќе се премине во следната фаза од спроведувањето на договорот со Грција која предвидува уставни измени. На прашање дали до крајот на годината очекува дека ќе има 80 пратеници кои би ги спровеле уставните измени, Заев истакна вчера дека тоа не е цел на владејачкото мнозинство.

„Парламентот треба да обезбеди 120 пратеници, ако волјата на граѓаните биде позитивна на референдумот“, нагласи Заев и уште еднаш изрази оптимизам дека изјаснувањето на граѓаните ќе биде позитивно и дека огромно мнозинство ќе ја поддржи иднината на земјата кон ЕУ и НАТО.

Александра М. Митевска