Каменос бара 101 оставка за блокада на ратификацијата на договорот од Преспа


Атина – Претседателот на Независни Грци и до неодамна коалициски партнер во владата, Панос Каменос, преку неговиот Твитер профил, утрово побара масовни оставки на пратениците за да се спречи ратификацијата на договорот од Преспа.

-До 14 часот можеме да го блокираме гласањето на договорот од Преспа со оставка на 101 пратеник. Прв ја потпишувам мојата оставка, напиша Каменос и упати повик до Мицотакис за оставка.

Со сличен предлог за време на расправата во грчкиот парламент излезе и лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос, кој тврдеше дека ако неговите пратеници, пратениците од Нова демократија и од ПАСОК си поднесат оставки тогаш, според него треба да се распишат избори, а слични шпекулации излегоа и во дел од медиумите.

Меѓутоа, пратеници од СИРИЗА и од Нова демократија ги отфрлија ваквите сценарија, објаснувајќи дека грчкиот Устав не предвидува такво нешто.

Каменос, неговото обраќање за време на расправата за ратификација на договорот од Преспа,  го  почна со констатација дека можеби е последен пат што говори како претседател на Независни Грци во актуелниот парламент, бидејќи „група од владејачката СИРИЗА заедно со претседателот на парламентот веќе работат на сценариото за распаѓање на пратеничката група на Независни Грци, како што направија со Река“.

Лидерот на Независни Грци ја коментираше фотографијата на Зоран Заев со Џорџ Сорос, која македонскиот премиер ја објави вчера на Твитер.

-Пред три часа, неслучајно, претседателот на организациите за глобализација, заедно со Фондацијата Клинтон, Џорџ Сорос, се сликаше со господинот Заев. Се сликаа заедно во Швајцарија и долу во коментар се честитките од господинот Џорџ Сорос до господинот Заев за договорот од Преспа и во суштина, почеток на спроведувањето на планот за распаѓање на Грција, рече Каменос и  ја покажа фотографијата на Сорос и Заев.