Како котира „Бојкотирам“?


Движењето „Бојкотирам“ од неделава доживува експанзија, се забележува двојно повеќе користење на хаштазите бојкотира, бојкотирам, бојкотирај, а пикот допрва ќе следува. Виртуелната заедница во која се приклучуваат сè поголем број луѓе околу ставот дека претстојниот референдум треба да се опструира, во никој случај не смее да се потцени ниту, пак, да се маргинализира. Но таа не поседува мобилизирачка сила која би била пресудна во однос на конечниот исход на референдумот, оценуваат политичките набљудувачи и експерти за социјални медиуми и разни техники за односи со јавноста.
Хаштагот #Бојкотирам, како што велат членовите, го создал дел од македонската твитер-заедница. Веднаш потоа се појави и на Фејсбук, каде што се создаваат повеќе фан-страници на истата тема. Нивната цел, како што велат, е да се борат против штетниот договор со Грција кој, според нив, има разорен ефект по македонските национални интереси.
Во рамките на движењето може да се видат најразлични коментари. Од најбанални до издржани ставови вредни за анализа и полемика. Некои очигледно го користат моментот за невешто, почетничко користење на платформата за да ги фасцинираат своите следбеници, други пак низ призма на правната регулатива се обидуваат да докажат дека целиот процес е неуставен, дека нератификуваниот договор е правна фикција. Притоа, се повикуваат на морална декаденција и ги прогласуваат политичките водачи за предавници кои ги запоседнале македонските институции.
Поддршка добија и од десничарски политички партии од Шпанија, поточно од Европската демократска партија, која на минатите општи избори доби осум пратенички мандати и која се залага за задржување на правото на самоопределување на народите.
Ширењето на ставот за бојкотирање на референдумот донекаде успева, но останува да се види како тоа ќе се рефлектира на крајниот исход од плебисцитарното изјаснување и дали сиот труд на крајот ќе се претвори во авионче од хартија полно со ентузијазам фрлено во воздух.
„Во моментов клучниот фактор не е движењето ‘Бојкотирам’, туку ставот и одлуката на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Односно, дали таа ќе ги повика поддржувачите да останат дома или, пак, ќе ги повика да излезат и да го кажат својот став на референдумот“, оценува Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, чие истражување во однос на различни аспекти поврзани со референдумот ќе биде објавено по празниците.
Важно е, според него, дали опозицијата ќе се одлучи за активна кампања за референдумското прашање или ќе реши воопшто да не се произнесе по прашањето. „Доколку се случи второто, може да следува помасовна скриена поддршка и поголема факторизација на ‘Бојкотирам’“, вели Кржаловски.
Членовите на движењето тврдат дека не се поврзани со ниту една политичка партија ниту со извор на финансирање. Едноставно, велат, станува збор за автентично будење. Сепак, кај дел од јавноста постојат сомнежи дека зад кампањата стои структура со затскриени намери и мотиви невидливи на формално ниво.
„Има луѓе кои се децидно против договорот со Грција, но не може да се исклучи ниту присуството на разни структури кои од свои разни други причини вршат мотивација и агитација. Тоа никој не може да го процени“, додава Кржаловски и нагласува дека е голема штета што најголемите партии не се договорија околу прашањето од суштествено значење за земјата.
Виртуелните заедници, велат познавачите, несомнено придонесоа за подобра комуникација меѓу луѓето од иста политичка опција. Од друга страна, пак, таквите собирања ги користат политичките субјекти со цел промоција на своите активности. Зад кампањата официјално не застана најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, но со неа завчера јавно се идентификуваше пратеникот Антонио Милошоски. На бојкот повика и Обединетата македонска дијаспора, а во хорот противници на референдумот се приклучи и владиката Агатангел.
Од Владата на ваквите ставови парираат со засилена кампања на социјалните медиуми во која се апострофираат придобивките од позитивното изјаснување на референдумот. Во главна улога најчесто е премиерот Зоран Заев, па шефот на дипломатијата Никола Димитров.
„Точно е дека зад кампањата за бојкот официјално не застана најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, но јасно е дека зад сцената таа поддршка се искажува на еден суптилен, дифузен начин. Движењето ‘Бојкотирам’ не може да се класифицира како дел од бранот на лажни вести. Но, сепак, и таму има многу лажни индикатори, манипулации, премолчувања, напумпана пропаганда за така суштествено прашање. Не смее да се потцени, но сметам дека не поседува мобилизирачка сила која би била пресудна во однос на конечниот исход на референдумот“, вели универзитетската професорка Јасна Бачовска.
Фокусот, како што вели, попрво би го ставила на афирмативната кампања, која како што забележува се води од етаблирана позиција и засега е плитка без синхронизирана аргументација која би ја променила општествената клима и би ја спречила опасноста за деформитет на референдумот. Двете страни, особено во периодот што следува, ќе прибегнат кон најразлични методи за наметнување на сопствениот став во однос на референдумот. Се очекува и засилена окупација на виртуелниот простор.
„Истражувањата покажуваат дека 20 отсто од луѓето примарно својот политички став го градат на социјалните мрежи. Од таа гледна точка не смее да се потцени ниту кампањата за бојкотирање на референдумот. Сепак, постои и афирмативна кампања како противтежа“, вели комуникологот Петар Арсовски. Дискусиите, полемиките за тековните политички прашања на социјалните мрежи, според него, несомнено го зголемуваат нивото на политички активизам кај граѓаните, но движењето „Бојкотирам“, како што нагласува, не е факторот кој би извршил некоја посериозна мобилизација или обединување околу, во суштина, ретроградниот став.
Наум Котевски