Каде ќе плови овој брод?


Трите галии на реката Вардар во центарот на Скопје нема да се дислоцираат на друго место, туку ќе бидат целосно отстранети, најавуваат за „Независен весник“ извори од градот. Кога и како ќе биде изведена операцијата, колку ќе чини и дали градот ќе треба да плати пенали – ќе се знае откако ќе заврши анализата што ќе ја извршат градските власти. Сопствениците на галиите ги чекаат следните потези на градот надевајќи се дека во најлош случај ќе добијат обесштетување. Најавата за отстранување на галиите изградени за време на поранешната власт  доаѓа истовремено со засилените шпекулации за рушење на некои од спомениците од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Затворена врата нѐ дочека вчера претпладне на влезот од најстарата од трите галии, која носи пригодно име: „Ројал Македонија“. Како што ни беше кажано, објектот се реновирал, па не работел со денови. Но работат другите два: „Сенигалија“ и „Сидро“. Студеното време не им дозволува на гостите да седат на терасите среде Вардар. Вработените со загриженост ги коментираат најавите на градските власти за дислоцирање.

„Се плашиме дека доколку навистина дојде до тоа би можеле да останеме без работа, оти прашање е на која и каква локација ќе нѐ префрлат“, велат вработените.

Всушност, вестите за нив се и полоши отколку што изгледаа на прва. Наши извори од градската администрација велат дека не постои техничка можност за дислокација на укотвените галии.

„Тие се прицврстени на дното и не можат да се подигнат и да се префрлат на друго место. Едноставно, ќе мора да бидат урнати или, најдобро речено, отстранети“, објаснуваат нашите соговорници.

Според нив, градската администрација добила налог од градоначалникот Петре Шилегов да направи анализа на договорите со концесионерите, во смисла дали ќе треба да им се плати обесштетување, како и колку ќе чини самата акција. Штом завршат проценките, ќе се знае кога, каде и како ќе се спроведат следните чекори.

Сопственикот на италијанскиот ресторан „Сенигалија“, Столе Филиповски, во вчерашниот кус телефонски разговор ни тврдеше дека не е запознат со плановите на новата градска власт и дека првпат слуша за наводно дислоцирање или рушење на галиите.

„Јас сум надвор од Македонија“, ни рече Филиповски, кој е газда и на познатиот ресторан „Воденица“.

Сопствениците на галијата спроти Министерството за надворешни работи веќе најавија дека ќе бараат обесштетување доколку нивниот објект биде дислоциран.

„Ако донесе градот таква одлука да се дислоцираат, се надевам дека ќе нѐ консултираат и обесштетат соодветно. Се надевам дека се грижат за последиците – доколку не, постојат судови. Градот може  ќе инвестира во нивно преместување од Вардар, може тоа да чини еден милион евра. И, каде ќе нѐ стават? Ние сме платиле толку пари за да бидеме тука каде што сме. Во нашиот договор за концесија не пишува дека во кој било момент ќе бидеме дислоцирани“, изјави за медиумите Жарко Миленковски, директор на бугарската „Сервис“, која менаџира со галијата.

„Ројал Македонија“ неодамна ги промени сопствениците. Всушност, заедно со „Сидро“ двете галии беа во сопственост на фирмата „Фаланга ДИМ“, но газдата Давор Андреевски пред кратко време се повлекол од бизнисот со бродовите.

Образложувајќи ја одлуката за отстранување на галиите од Вардар, новиот скопски градоначалник Петре Шилегов изјави дека галиите го попречуваат нормалниот тек на водите и доколку се зголеми нивото на реката може да дојде до нејзино излевање. Најспорно, според документацијата издадена од градот, било тоа што објектите претставувале урбана опрема, иако се градби на неколку ката.

Приказната со „барокните“ галии започна во 2014 година кога беше отворен првиот брод – ресторан спроти МЕПСО. Имаше ентериер во антички стил и специјалитети именувани во духот од времето на Александар Велики. Деталниот урбанистички план за тој дел од центарот на Скопје предвидуваше шест такви објекти, и тоа четири на десната и два на левата страна од реката. Градските власти се обврзаа да ја изградат инфраструктурата, да постават канализациска мрежа и да донесат струја во галиите, а инвеститорот беше должен да ги изгради галиите од челик и од дрво, додека внатрешноста од гипс-картон  на начин што ќе овозможи објектот да се отстрани бидејќи сплавовите се поставуваа на период од десет години, во кои концесионерот треба да му плаќа кирија на Град Скопје од околу илјада евра месечно.

„Доколку Шилегов ги дислоцира галиите, добро е да одговори дали тој од сопствен џеб ќе ги плати пеналите кон фирмите што се концесионери на галиите и дали е свесен колку ќе чини ваквиот потег? Додека Шилегов се занимава со рушење на проектите на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните очекуваат да ги спроведе приоритетните ветувања што ги даваше за време на изборниот приод, а тоа е чистиот воздух и гасификацијата бидејќи тука нема никаков напредок“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ по најавите за преместување на галиите.