И 61 глас може да биде проблем. Има ли мнозинство за распуштање на парламентот?
Само уште неколку чекори ја делат Македонија од можни предвремени избори доколку во наредните неколку денови не се најде решение за обезбедување двотретинско мнозинство за пристапување кон уставни измени, согласно договорот од Преспа. Но, со оглед на моменталното расположение кај политичките субјекти во однос на распишување нови избори, прашање е дали СДСМ, кој веќе овласти свои функционери за преземање предизборни дејствија, ќе може лесно да обезбеди и апсолутно мнозинство за распуштање на парламентот. Проценките се дека, покрај потребните 80 гласа за уставни измени, проблем може да бидат и 61 глас колку што се потребни за да се создаде терен за излегување на избори.
Според информациите, кај ДУИ постои голема воздржаност во однос на распишување брзи вонредни избори. Една од причините за тоа, според информациите, е проценката дека околу 600 илјади гласа за референдумското прашање не се гаранција дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во следниот парламентарен состав за изгласување на уставните избори. Како што се проценува, и сите партии што го поддржаа референдумот да настапат на изборите со заеднички листи, останува неизвесноста дали ќе се обезбеди посакуваното мнозинство или повторно ќе фали по некој глас.
Резервираноста кај ДУИ се насетува и од изјави на партиски функционери, кои велат дека треба да се најде решение за донесување на уставните измени во овој состав на парламентот. Со став во ваква насока прв излезе вицепремиерот Бујар Османи, а завчера, во гостување на „Топ-тема“ на Телма, и пратеникот Артан Груби рече дека сè уште има простор да се обезбедат 80 гласа за уставни измени. ДУИ, според Груби, претпочита прашањето за уставните амандмани да се реши во парламентот.
„Претпочитаме прашањето да се реши во Собранието. Ние сметавме дека нема потреба од референдум и дека пратениците имаат мандат добиен на избори тоа да го направат во Собранието. Сметаме дека сè уште има простор да се стигне до 80 гласа за усвојување на уставните амандмани и во наредните денови ќе работиме со нашите колеги од опозицијата да го постигнеме тоа“, рече Груби.
Ќе се разговара да се осигура квалификувано мнозинство, вели Груби, „ако треба колективно, ако треба индивидуално и мора пратениците да ја преземат одговорноста врз себе, па дури и по цена на политичката кариера“.
Пратеникот Џевад Адеми, пак, во емисијата „Патот кон“ на Алсат сподели информација за средба по референдумот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Адеми рече дека смета оти решенијата не се исцрпени и дека во ВМРО-ДПМНЕ има одговорни и визионерски структури.
Пратеничката група на СДСМ има педесетина члена, што не е доволно за сама да може да донесе одлука за распуштање на парламентот, без поддршка на ДУИ и евентуално другите коалициски партнери во Владата, како ДПА, дел од Беса…
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, немаат прецизен став дали би гласале идентично како СДСМ за распуштање на парламентот и одржување предвремени избори. Од опозициската партија сметаат дека евентуалната одлука за распишување избори ќе биде координирана меѓу СДСМ и ДУИ и дека ќе нема потреба од нивна интервенција за распуштање на парламентот. Соговорници од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека партијата е за одржување избори, ама дека на одлуката за распуштање на парламентот би требало да ѝ претходи исполнување на условите што ги постави Христијан Мицкоски. Тоа би значело избор на јавен обвинител на предлог на опозицијата, комплетирање на Антикорупциската комисија, формирање анкетна комисија за испитување нерегуларности за време на референдумот и техничка влада – 100 дена пред избори.
Условите на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се неприфатливи за СДСМ, со оглед на најавата дека, ако нема договор околу уставните измени, ќе се оди на распуштање на парламентот во најкус можен рок, така што нема време за носење други одлуки. Притоа, како датум за гласање на одлуката за самораспуштање на пратениците беше посочен првично 10 октомври, за изборите да може да се одржат на 25 ноември. (А.М.М.)