И децата да дишат – и Јанчев да се промовира


Иако власта и опозицијата секојдневно се препукуваат за загадувањето, во смисла кој е најодговорен за тоа што сме на врвот во светот, паралелно се одвива и друг процес – собирање поени од состојбата што всушност треба да им нанесе голема политичка штета. Минатата недела скопските училишта забрзано добиваат прочистувачи за воздух платени од градскиот буџет, а од минатата недела прочистувачи добија и основните училишта во Кавадарци, како донација од Фондацијата „Никола Јанчев“. Се работи за 120 апарати во вредност од 36.000 евра кои ќе бидат сместени во шест училишта, во кои учат 3.500 ученици.

Градоначалникот на Кавадарци и основач на Фондацијата која го носи името на неговиот покоен татко, Митко Јанчев, појасни дека нејзиниот буџет месечно се зголемува со градоначалничката плата и донациите од семејната компанија на Јанчеви – „Кожувчанка“. Тој се заблагодари на советниците во градскиот Совет и политичките партии, за сплотеноста во Кавадарци што придонесува за подобар живот. Директорката на Фондацијата, Јанинка Чупаркоска, која е сестра на градоначалникот Јанчев, рече дека целта им е хуманоста.

По вештачкиот дожд – иновативност поради која кавадаречкиот градоначалник некои го воздигнаа до небеса, други, пак, наводно му открија дека дождот бил создаден само кај контролната станица за регистрација на загадувањето на воздухот – почнаа да „врнат“ и прочистувачи.

Од потегот на градоначалникот сосема разбирливо е дека децата нема да имаат штета. Напротив, во ултразагадената животна средина и кај нив можеби ќе порасне желбата да одат во училиште. Сепак, донацијата од сопствената фондација за почисти бели дробови деновиве ја отвори вечната дилема – што е посилно, општествената одговорност или желбата за себепромоција? Согласно Законот за донации и спонзорства во јавни дејности, донација е доброволна и безусловна помош во пари, добра и услуги која не создава директна корист за давателот, ниту обврска за враќање од примателот на донацијата.

Списокот на донатори во Македонија не е мал: Камчев, Мијалков, Тарчуловски, Костовски, Гуштеров, Азманов – имиња на политичари, бизнисмени, актуелни и поранешни, се впишуваат, да речеме, во ктиторските повелби ширум Македонија како финансиери за изградба на верски објекти.

Дел од светските медиуми по веста дека Бил Гејтс и Вoрен Бафет одлучиле да подарат огромен дел од своето богатство на хуманитарна фондација иронизираа дека светот изгледа треба да биде среќен што кај најголемите богаташи завладеа хуманитарна треска. Дел од општествените набљудувачи коментираат дека и последните случувања во земјава фрлаат друга слика за „вистината“.

Кога прочитав за донацијата од Фондацијата на градоначалникот на Кавадарци првото нешто што ми дојде на памет како дилема беше – дали човекот сака навистина да помогне во санирање на големиот проблем во државава или сака себеси да се промовира. Или можеби подобро кажано, што повеќе натежнува – општествената одговорност или сопствената афирмација, општественото или личното“, вели професорот Илија Ацески.

Емпатија, според него, е загубена вредност, не само кога станува збор за личните односи, туку и во поглед на креирање општествено корисни придонеси.

Теренот е лизгав. Што и да кажете, може да ве критикуваат и осудат бидејќи во суштина се прави добро дело. Но она што создава сомневање е зошто тој тоа не го направил претходно, зошто баш сега, кога е носител на политичка функција, па нормлано е да се постави прашањето дали навистина кај него проработела моралната димензија или се сведува на лукративни причини. Неговиот гест со сиот ризик може да кажам дека за мене е разбирлив, затоа што децата барем една третина во денот ќе дишат почист воздух, ама од друга страна и неразбирлив“, вели Ацески.

Фондацијата „Никола Јанчев“ е формирана во чест на прерано починатиот сопственик на најпознатиот бренд во Македонија за производство на минерална вода Никола Јанчев и основната цел на нејзиното постоење, како што велат оттаму, е да вложува средства и опрема со цел да се унапреди или подобри животот, работата и образованието на младите луѓе.

Градоначалникот Јанчев, кој гласаше за референдумот, а подоцна кажа дека е за договорот од Преспа и за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, беше разрешен од функцијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Сега егзистира како градоначалник без матична партија. Тој категорично негира дека донациите се производ на неговата желба за политичка профилација. Ништо не било однапред испланирано, туку се дејствувало по потреба, како што е сега случајот со загадувањето. Суштината на дејствувањето на Фондацијата, вели, е помагањето.

Навистина не знам што е спорно. Не можам да разберам кој е тој порив за омаловажување. Сакам искрено да помогнам. Фондацијата донираше и за Клиниката за кардиологија и гинекологија во Скопје“, кратко ни искоментира Јанчев.

Инаку, и скопската гимназија „Никола Карев“ доби 34 прочистувачи на воздухот, но тие беа обезбедени со буџетски средства на Град Скопје. Оваа гимназија е само една од 23. средни училишта во кои Градот планира да постави вкупно 573 прочистувачи на воздух и за тоа да го олесни буџетот за 11 милиони денари. Во политичката трка со прочистувачи само тоа е разликата – од чиј џеб се плаќаат тие. (Н.К.)