Интервју со Маја Морачанин, претседателка на ДОМ: Не е време за предвремени избори


Маја Морачанин е пратеничка во македонскиот парламент, а минатата година дојде на чело на ДОМ, единствената зелена партија во нашата земја. Спроти претседателските избори, Морачанин во интервју за „Независен весник“ порачува дека новиот претседател треба да биде личност што ќе ги обединува граѓаните, како и дека Македонија заслужува да добие и жена на оваа позиција. Како припадник на зелените, таа е убедена дека иднината на планетата и човештвото е во зелените политики. Македонија мора многу повеќе да вложува во заштитата на животната средина и борбата со климатските промени.

Г-ѓа Морачанин, каков е ставот на ДОМ за консензуалниот кандидат и како ќе настапите околу претседателските избори? Сметате ли дека е добро да има и парламентарни?

– Во тек е внатрепартиска дебата околу настапот на ДОМ на претседателските избори, по која органите на партијата ќе ја донесат конечната одлука. Досега не сме имале разговори со коалицискиот партнер и очекуваме наскоро да ни биде презентирана идејата за консензуален кандидат. Она што е клучно за ДОМ, е личниот и професионалниот интегритет на кандидатот или кандидатката за претседател. Тоа треба да биде личност што ќе ги обединува граѓаните и што ќе работи во интерес на сите граѓани, посветен на соработка со останатите држави и на евроатлантските интеграции на земјата. Исто така, за нас како зелена партија се многу важни ставот, посветеноста и разбирањето на заштитата на животната средина и борбата со климатските промени.

Во однос на предвремените парламентарни избори, сметам дека не е момент за тоа. Јуни ќе дојде набрзо и очекуваме да добиеме дефинитивен датум за почеток на преговори со ЕУ. За тоа е потребно да се реализираат реформите и мислам дека тоа треба да биде фокусот на Владата и Собранието.

 

Законот за јазиците го стави во втор план дури и Преспанскиот договор. Како гледате вие на начинот на кој тој беше официјализиран и објавен во „Службен весник“?

– Иако поддржуваме унапредување на јазичните права на сите граѓани, јас и колешката Лилјана Поповска од ДОМ не гласавме за Законот за јазици бидејќи сметавме дека предложениот закон е тешко применлив и нефункционален. Сепак, овој закон го доби потребното мнозинство гласови и во таков случај, според Уставот, претседателот на државата е должен да го потпише указот. Исто така, според членот 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. По поднесените пријави и претставки во врска со законитоста и уставноста, ингеренции имаат надлежните институции.

Од неодамна сте лидер на ДОМ, единствената зелена партија во Македонија. Каде планирате да ја водите партијата и со каква политика?

– За мене е клучна доследноста кон зелените вредности, демократијата, почитувањето на човековите права и слободи, борбата против корупцијата, владеењето на правото, солидарноста, еднаквите можности за сите, родовата еднаквост и, секако, заштитата на животната средина и борбата со климатските промени. Во поглед на внатрепартиското дејствување, од големо значење е почитувањето на внатрепартиската демократија и тимската работа. Ние сме целосно посветени на соработка со граѓанските здруженија и иницијативи и европските зелени.

 

Како жена лидер на партија, сметате ли дека дојде време за жена претседател?

-Правата на жените и родовата еднаквост за мене секогаш биле тема на интерес и еден од главните мотиви заради кои се вклучив во политиката, да дадам свој придонес. Активното вклучување на жените во сите сфери на општественото живеење, не само во политиката, е придонес за развој на општеството во целина. Ние во ДОМ со години наназад се залагаме за подигнување на квотите на 50:50 на пратеничките и на советничките листи, но и за поголема застапеност на жените во извршната власт. Сметам дека Македонија заслужува да има жена за претседател.

 

Кои според вас се приоритетите на кои сега треба да се фокусира владејачката коалиција откако помина договорот од Преспа? Како партнер на власта, дали сте задоволни од тоа како се прават реформите што се најавуваа на стартот на оваа влада?

– Фокусот на Владата во измината година и половина беше повеќе насочен кон решавање на отворените прашања, во доменот на надворешната политика. Сметам дека сега акцентот треба да биде ставен на спроведување на реформите во интерес на евроатлантските интеграциски процеси, но исто така и овозможување поквалитетен живот на граѓаните. Тоа значи подобра економија, здравство, образование, социјални услуги, животна средина… Тоа треба да се приоритети не само на централните туку и на локалните власти. Младите треба да видат и да почувствуваат дека оваа земја навистина се движи во вистинска насока и може да им понуди перспектива каква што тие посакуваат.

Собранието конечно го донесе Законот за минерални суровини со кој се забранува употреба на цијаниди и сулфурна киселина при флотација или лужење во нови рудници од отворен коп. Значи ли тоа дека сега е целосно отстранета опасноста од рудниците како загадувачи? Дали екологијата конечно надвладеа над бизнисот?

-По затворањето на рудникот „Казандол“, ова е уште една голема победа на екологистите и многу ми е драго што по една година законот го доби потребното мнозинство. Измените и дополнувањата на законот се јасна порака до сите идни инвеститори, се стави брана на можноста на отворање на вакви рудници. Но борбата за чиста и здрава животна средина не престанува. Не само во Македонија туку и во други држави, каде што има многу повисоки еколошки стандарди и јавна свест, има различни бизнис-интереси што не ги земаат предвид еколошките аспекти. Затоа е неопходна транзиција на постоечкиот економски модел во зелена економија, каде што економијата и екологијата одат заедно, рака под рака. Има голем број дејности што се вклопуваат во моделот на зелена економија која, пак, отвора голем простор за нови зелени работни места, кои ни се неопходни

 

Владата донесе План за чист воздух, во кој предвидуваат голем број мерки за подобрување на состојбата? Сепак, она што најмногу ја интересира јавноста е кога ќе можеме да ги почувствуваме првите резултати бидејќи предолго дишиме отрови?

-Она што е добро е дека првпат една влада вели дека намалувањето на аерозагадувањето е стратегиски приоритет. Тоа е јасна политичка порака. Во мерките од Планот се вклучени голем број мерки кои ние како зелена партија, но и еколошките граѓански организации со години ги предлагавме. Она на што ДОМ имаше забелешка е малиот износ на средства што беа одвоени од буџетот, околу 2 милиони евра, за што добивме образложение дека и во други сектори се алоцирани средства за таа намена и дека вкупната сума е околу 24 милиони евра. Но, сепак, ние сметавме дека ќе беше добро тие средства да бидат алоцирани токму во Планот за чист воздух и затоа поднесовме амандмани на буџетот, кои не беа прифатени. За нас е важно истовремено да се дејствува на сите извори на загадување, домаќинствата, индустријата, сообраќајот, отпадот, градежништвото. Неопходно е сите надлежни институции посветено и интензивно да работат. Само на тој начин може да очекуваме видливи резултати. Тоа бара волја, знаење, капацитет на институциите, но и финансиски средства. Очекувам дека со користење на европските фондови ќе имаме подобри резултати на ова поле. Потребно е и интензивно реализирање и на долгорочните мерки кои треба да овозможат транзиција од користење на фосилни горива кон обновливи извори на енергија и зголемена енергетска ефикасност.

И, секако, во деновите на енормно загадување на воздухот мора да се спроведат итни мерки против аерозагадувањето, интензивни инспекциски контроли од страна на државниот и локалните инспекторати на индустријата, сервисите и дивите депонии, намалување за 50 отсто на согорувачките процеси во индустриските капацитети, стопирање на сите градежни активности во градските средини, забрана за движење на тешки возила во градовите, воведување „зелена зона“ за пешаци, велосипедисти и јавен превоз во централните градски подрачја, забрана за движење на возила под еуро 4 стандард во градскиот сообраќај, бесплатен градски превоз и зголемена фреквенција на автобуси, редовно собирање на сметот и одржување на јавната хигиената.

Сметам дека иднината на планетата и човештвото е во зелените политики. Тие сега се сè пошироко прифатени кај граѓаните во развиените земји иако и таму на почетокот, пред три-четири децении, не биле целосно разбрани и поддржани. За да опстане Земјата, нема друго решение освен одржливиот зелен развој.

Сања Наумовска