Интервју со Енвер Малиќи: На Скопје сакам да му дадам, а не да му земам


Горан Адамовски

Еден од најбогатите бизнисмени во Македонија, Енвер Малиќи, е првиот Албанец на заменичкото место во новата градска власт. Сопственикот на „Гемак трејд“ ќе му го „чува грбот“ на Петре Шилегов. За себе вели дека не е член на ниту една политичка партија и оти на новата функција се нафатил бидејќи е роден скопјанец и сака да му се оддолжи на градот каде што израснал и живее. Инвеститорот на т.н. „Кинески ѕид“ и газдата на хотелот „Парк и спа-центар“ негира дека има конфликт на интереси и објаснува дека објектот ги има сите потребни документи. Скопје го гледа како чист и модерен град. Спомениците од „Скопје 2014“ не му се допаѓаат, но е против рушење и апелира на внимателност. За сите овие работи, отворено зборува во интервјуто за првиот број на „Независен весник“.

Господине Малиќи, новиот градоначалник на Скопје неодамна Ве именуваше за свој заменик. Дали е тоа противуслуга за ДУИ за коалицирањето со СДСМ на локалните избори?

Јас сум роден во срцето на Скопје, во Старата скопска чаршија и во мултиетничка и мултирелигиска средина. Скопје е мојот град, па иако животот и обврските ме носеа на различни страни на светот, од Њу Џерси до Антверпен, секогаш со радост се враќав дома. Јас сум градско дете, имам широк круг на пријатели во Скопје, сум се движел по кафеани, кафулиња, клубови, насекаде… Одлучив да влезам во Советот на Град Скопје бидејќи сметам дека со моето искуство и со познавањето на многу бизнис-структури од целиот свет можам да придонесам да дојдат нови инвеститори, кои ќе му помогнат на градот полесно и подобро да дише. На крајот на краиштата, тоа е моја обврска, бидејќи во деловниот свет постигнав многу, сега е време да му се оддолжам на градот каде што израснав и се остварив, каде што живеам, каде што живеат моите деца.

Јас не сум член на ниту една политичка партија ниту, пак, сум тука за да водам политика. Но не треба да се биде наивен, модерниот свет не може да ја игнорира политиката, па за да добиеш шанса да направиш нешто, мора да изградиш мост и преку одредена политичка структура. Добивав понуди, се одлучив за ДУИ и затоа бев дел од нејзината советничка листа. Сепак, уште еднаш да потенцирам, јас не сум политичар, туку бизнисмен кој, без лажна скромност, добро знае да ги менаџира работите, па ќе се обидам тоа да го направам и со мојот роден град.

Како Ви се допаѓа денешниот лик на Скопје? Кои ќе бидат вашите обврски, не само како член на Советот на Скопје, туку и како заменик на градоначалникот Шилегов? Каква е вашата визија за градот, кои се вашите идеи и планови?

Морам да признаам дека веќе не си го препознавам мојот град. Скопје го пренатрупаа со згради и споменици изградени во стил што никогаш не му припаѓал. Скопје е град со речиси еден милион жители и ќе се обидам да работам на негово модернизирање. Скопје го гледам како чист и силен град. Сакам Вардар да биде чист, воздухот да го исчистиме, градот да го зазелениме, да изградиме подземни железници, да го направиме Скопје пристојно место за живеење. Не сакам веќе градот да биде поделен на лева и на десна страна. Верувам дека со искуството и со контактите што ги имам можам да придонесам во реализација на ваквите идеи и визии.

Велите дека не ви се допаѓаат спомениците и зградите од проектот „Скопје 2014“. Дали тоа значи дека ќе барате отстранување или рушење на дел од нив?

Имајќи предвид дека и самиот имам едно горчливо искуство со рушење, и тоа со динамит на веќе изграден објект, никогаш никому не би му предложил да го прави тоа. Лично, сметам дека треба да бидеме крајно внимателни за следните чекори што ќе се преземат. Дел од спомениците се спорни од историски, од естетски и од образовен агол, некои се поставени на несоодветни места, други се како да се натрупани еден врз друг, но не смее да има урбан „реваншизам“. Строго сум против радикализмот. Сметам дека треба да се покрене јавна дебата околу спомениците или за дел од нив и потоа да се донесат одлуки за тоа што ќе се прави понатаму.

Го споменавте рушењето на објектот на кејот од Вардар. Самиот објект „Кинески ѕид“, во кој бевте инвеститор, предизвика големи контроверзии во јавноста. Каква е ситуацијата денеска, дали објектот ги поседува потребните документи за легално работење? Веројатно сте ги слушнале шпекулациите дека токму од тие причини сте влегле во градската администрација?

Еден ден и тие работи ќе мора да се расчистат. Врховниот суд одлучи дека и зградата и хотелот се легални. Во минатото, имав непријатности и кочници, знаете дека изградбата на целата зграда беше забавена со некои акти, претрпев големи материјални штети, а страдаше и моето здравје. Таму влегов да инвестирам откако објектот беше урнат, со тоа што најпрво купив два стана за фамилијата. Знаете, ми се допадна локацијата, бидејќи за реката Вардар сум врзан емотивно, во неа научив да пливам, а на просторот кај стадионот го гледав брат ми додека играше кошарка. Јас, пак, сакав да станам фудбалер и, иако не успеав, работејќи во Германија научив што е дисциплина и упорност, која подоцна ми помогна во животот. Меѓу другото, научив да бидам легалист и секогаш до крај да се борам за правдата, бидејќи на крајот таа секогаш победува. Токму затоа ми е драго што Врховниот суд донесе одлука со која се потврдува дека објектот е легално изграден.

Горд сум на моето семејство, што секогаш бевме заедно, и во добро и во лошо, горд сум на сѐ што сум постигнал во животот и тоа без никаква поддршка од државата или од некој друг. Не сум добил ниту еден тендер, напротив, сѐ што имам сум го создал со моите раце и со моја пот и со моите соработници.

Вие сте прв Албанец на толку висока позиција во Град Скопје. Сепак, кој е мотивот еден успешен бизнисмен како Вас да прифати таква административна и политички не толку влијателна позиција?

Често се соочувам со ова прашање. Ќе бидам искрен, со моето искуство, контактите и со влијанието се надевам дека ќе му помогнам на градот и на сите негови граѓани во потрагата по подобар урбан живот. Лично, се чувствувам за нормален граѓанин на Скопје. Во моите шеесетина години направив доволно, сега е време да направам нешто за мојот град. Ако успеам барем малку да придонесам градот да биде чист, зелен, со паркови и со подобрена инфраструктура, ќе сметам дека сум ја исполнил мисијата.

Конечно, во политиката, на оваа позиција, не влегов да земам, туку да дадам.