Има ли договор за уставните измени или владата прави ладна проба ?


Во парламентот наскоро би требало да стигне предлог за пристапување кон промена на Уставот, согласно договорот со Грција. Тоа е очекуваниот исход откако премиерот Зоран Заев за попладнево закажа вонредна владина седница со единствена точка на дневниот ред -предлог за пристапување кон измена на Уставот на Македонија.
Наспроти првичниот план – предлогот за пристапување кон уставни измени да произлезе од парламентот, сега како овластен предлагач се јавува влада. Од „Илинденска“ нема конкретен одговор дали најавената седница е знак дека има договор со опозициски пратеници за обезбедување двотретинско мнозинство. Или, пак, станува збор за политички маневар, со цел просецот да се истера на чистина. Односно, на самото место – во парламентот да се испита дали има волја спроведувањето на договорот со Грција да продолжи во овој собраниски состав.
Доколку, пратениците не го усвојат владиниот предлогот за пристапување кон уставни измени, односно доколку не се обезбедат потребните 80 гласови за тоа, веднаш потоа, можеби уште истиот ден, според неофицијални најави, би се одело на распуштање на парламентот и на закажување вонредни избори во најкус можен рок.
Собраниски извори изјавија предмалку дека се чека да се види одлуката на владата, на седницата што почнува во 16 часот. Кога предлогот за пристапување кон промена на Уставот ќе стигне во Собранието, според најавите, веднаш ќе биде закажана седница на која ќе се гласа за него. Не е исклучено седницата да се одржи уште утре или во среда.
На владејачкото мнозинство му се потребни уште десетина опозициски гласови за да ја почне сега постапката за уставни промени. Потоа, двотретинско мнозинство ќе биде потребно и кон крајот на годинава за евентуално донесување на уставните амандмани, доколку процесот стигне до таа точка. (А.М.М.)