Избори со техничка влада, но не од 100 дена


Пораките што и вчера доаѓаа однадвор за гласање на уставните измени не допираат до политичките елити во земјава. Власта и опозицијата остануваат во своите ровови, па со секој изминат ден станува поверојатно дека наскоро повторно ќе одиме на гласање. Според нашите информации, најверојатно со техничка влада, но без 100 дена како што е пржинскиот договор. Сепак, имајќи ги предвид случувањата што се менуваат од час во час, тешко е воопшто да се предвиди каков ќе биде конечниот епилог.
Потврдата на пресудата за затворската казна на експремиерот Никола Груевски помина со куса реакција на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, во која се вели дека „власта која брани криминал продолжува со политички прогон, дефокусирање и газење на волјата на граѓаните. Власта е исплашена од народот по референдумот и црвениот картон кој го доби и затоа е донесена денешната одлука за господинот Груевски. Силејќи се преку политички монтирани процеси и прогони, тие ја покажуваат целата своја немоќ. Народот нема да го заборави криминалот на оваа влада, ниту предавството  на националните и државните интереси“.
Неофицијално, од власта по потврдувањето на пресудата за Груевски коментираат дека сега секому му е јасно дека не се пазарат за амнестија, додека од опозицијата велат оти тоа не менувало ништо во поглед на нивните позиции: нема гласање за уставни измени.
Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, смета дека не се потребни предвремени избори во Македонија, туку треба да се искористи можноста и да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за спроведување на договорот со Грција. Во изјава за австрискиот весник „Курир“, Хан вели дека оваа порака веќе му ја пренел на македонскиот премиер Зоран Заев.
„Новите избори ќе бидат само одолговлекување на патот кон почеток на преговорите за пристапување на ПЈРМ во ЕУ, што е планирано за летото наредната година. Потребни се осум или девет гласови од опозицијата и тоа мора да биде остварено. Сите велат дека сакаат членство во ЕУ и НАТО, вклучувајќи ја и опозицијата, а тогаш едноставно мора да ја платите цената на ова решение. Станува збор за решение кое е во интерес на земјата, а не на партиите и политичарите. И во таков случај, како можат да се обезбедат гласовите? Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното“, истакна Хан.
Извори од владата брифираат дека разговорите со опозициските пратеници не даваат никаков резултат, поради што нема друга опција освен да се распишат избори.
„Ќе оставиме уште некој ден, ама веќе го разработуваме и планот за брзи избори. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не сака избори и се обидува да ги саботира, поставувајќи услови што не можат да се прифатат. На пример, бараат да постават нов јавен обвинител. Дури и да им дадеме, колку време ќе треба да се запази целата процедура, која, патем, можат да ја кочат на милион начини. Истото важи и за формирањето анкетна комисија во Собранието за нерегуларности на референдумот, ќе помине време и време додека заседава и донесе некаков заклучок. А за тоа време што ќе правиме? Ќе поминат сите возови за договорот со Грција, што ќе ни се избори тогаш?“ прашува нашиот соговорник.
Според него, од тие причини не може да се прифати и барањето на Христијан Мицкоски за формирање техничка влада според пржинскиот модел, бидејќи ем нема време, ем тој договор важи само за редовни избори, а не за предвремени.
„Но, еве, да им дадеме министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Ако ги закажеме изборите за 100 дена, тоа значи дека би се одржале некаде во февруари, па потоа жалби, седници на ДИК, конституирање парламент, добивање мандат… Пак ќе задоцниме со роковите. Затоа, или нека прифатат да ги изгласаме уставните измени во Собрание или одиме на избори најдоцна на почетокот на декември“, брифираат од „Илинденска“.
Од таму велат дека засега не разговарале за можен заеднички настап на СДСМ и на ДУИ со цел да се обезбедат доволно голем број гласови за подоцна да имаат двотретинско мнозинство во парламентот. Нашиот соговорник смета дека таа опција тешко ќе биде прифатлива.
„Пред сè, од страна на Али Ахмети, кој сака да ги поврати изгубените албански гласови што сега се на контото на СДСМ. Освен тоа, таква коалиција може да ги изиритира гласачите, па да се свртат против нас“, дополнува нашиот извор.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека не отстапуваат од тоа што го бараат како услов за предвремени избори. На притисоците однадвор не планираат да попуштат.
„Власта уште се обидува да ги исплаши или поткупи нашите пратеници, ама не им успева. Исходот од референдумот е јасен, се гледа дека народот е против Северна, но и против владата на Заев. Нека не мислат дека ќе ги оставиме да прават како што ќе им текне. Внимателно ги следиме сите ујдурми што ги прават, подготвуваме одговор за сите нивни сценарија“, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ.
И албанската опозиција се готви за избори. Алијансата на Албанците вчеравечер имаше состанок на Извршниот комитет, на кој се очекуваше да бидат повторени нивните заложби, договорот за името да помине во парламентот.
„Ама свесни сме дека поблиску сме до избори отколку до уставни измени во парламентот. Ние сме подготвени, анкетите што ги правиме покажуваат дека рејтингот ни е во нагорна линија и сме доволно конкурентни да им се спротивставиме на ДУИ, која под превезот на ‘европска агенда’ продолжува со своето криминално однесување“, потенцираат од партијата на Зијадин Села.

Горан Адамовски