Иванов му затвори врата на Заев! Ќе го затвори ли и името во фиока?


Ги прими во претседателската резиденција и потоа нервозно си замина… Ваков нов скандал приреди вчера претпладне претседателот Ѓорге Иванов кога во неговиот кабинет пристигнаа премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров за да го информираат за деталите од договорот со грчката влада за надминување на спорот за името. Претходно, Иванов бараше да биде информиран за целиот тек на преговорите со Грција, во нивната најкритична фаза, и увид во целата документација и речиси секојдневно повикуваше на постигнување национален консензус. Но, и покрај тоа, шефот на државата им ја затворил вчера пред нос вратата на Заев и на Димитров, оставајќи ги во канцеларијата во неговата резиденција, а откако му го предале договорот за решение на спорот.

„Премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и го напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина“, соопштија од Владата, по средбата на „тројката“ во претседателската резиденција, која траела едвај неколку минути.

Доцна попладнето, пак, Иванов имаше јавно обраќање во кое соопшти дека нема да легализира, како што рече, политички дивоградби, односно дека нема да поддржи и потпише договор што, според него, е штетен и разединувачки. Ваквиот став, всушност, беше очекуван со оглед на последните соопштенија на Иванов во кои нагласуваше дека не прифаќа име за севкупна употреба и уставни измени во таа насока. Она што не се очекуваше од Иванов е недипломатскиот потег со напуштањето на средбата во неговата резиденција без да ги сослуша аргументите на Заев и на Димитров со кои моментно ја дели извршната власт во земјава.

И додека Иванов, веројатно, го разгледувал договорот со Грција што му го оставија премиерот и шефот на дипломатијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера претпладне побара итна средба со него и со Заев за истото прашање. Но попладнето Мицкоски имаше средба само со премиерот.Опозицискиот лидер всушност беше првиот политички фактор во земјава што Заев во вторникот доцна попладне го извести за договорот што го постигна со грчкиот премиер Алексис Ципрас, пред за тоа да ја информира и јавноста.

Затоа, пак, во Атина ситуацијата беше сосема поинаква. Ципрас, веднаш по завршувањето на телефонскиот разговор со Заев, се упати кон претседателската палата за да му ја соопшти на Прокопис Павлопулос добрата вест – како што го нарече постигнатото решение.

Но, и реакцијата на Павлопулос беше многу поразлична од таа на Иванов во Скопје. Грчкиот претседател, кој е од редовите на Нова демократија и е во кохабитација со Ципрас, слично како што и Иванов е во кохабитација со Заев, изјавил дека договорот е добар и ги вклучува барањата за ерга омнес и уставна ревизија. За разлика од него, Иванов воопшто не ги зема предвид позитивните страни на компромисот со Грција, како што се зачувувањето на придавката „македонски“ и важноста на постигнатиот договор за деблокада на интеграциските процеси на земјава во најбрз можен рок.

Наспроти разликите од аспект на (не)конструктивноста на претседателите на Македонија и на Грција, договорот Заев-Ципрас наиде на слични реакции на незадоволство кај опозициските десничарски сили во двете земји. Опозицијата во Грција се закани со интерпелација за Ципрас, за разлика од македонската опозиција која не може да иницира моментно гласање за доверба на Владата, со оглед на тоа што, при нејзиното враќање во парламентот, го искористи „бонусот“ од 90 дена за покренување такво прашање.

Лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, побара вчера од претседателот Павлопулос да интервенира за договорот за името да биде донесен и во грчкиот парламент пред да биде потпишан. Павлопулос, пак, уште пред получасовната средба со неговиот сопартиец Мицотакис порача дека Уставот јасно ги одредува надлежностите на претседателот.

– Да бидете сигурен дека со целосно почитување на Уставот, ќе го сторам она што е во моја надлежност, но во целосна согласност со Уставот – кусо одговори Павлопулос.

Наспроти тоа, Иванов сега се подготвува повторно да го искористи своето уставно право на „суспензивно вето“ за да го блокира договорот со Грција. Најавите од владејачкото мнозинство, пак, се дека имаат механизми да спречат шефот на државата и овој пат да постапи како со Законот за јазиците, што не го потпиша ниту по неговото повторно изгласување во парламентот со апсолутно мнозинство, иако македонскиот Устав не предвидува „апсолутно вето“.

 

 

Хан: Иванов да преземе одговорност

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, во интервју го повика претседателот Ѓорге Иванов да преземе одговорност за процесот за договорот со Грција. Хан упати и критика до македонскиот претседател за неговото одбивање да разговара со премиерот Зоран Заев и со шефот на дипломатијата Никола Димитров.

– Не е соодветно за претседател на држава да одбие да разговара со премиер, со министер за надворешни, за да добие информации од прва рака. Мислам дека премиерот и министерот за надворешни целосно ги почитуваа уставните насоки и можам само да го повикам итно претседателот да преземе одговорност. Ова не е прашање на прифаќање, но во демократија може да очекуваме да се слушаат луѓето меѓусебно и да дискутираат. Не треба да се заборави дека шеф на држава е на некој начин модел за многу луѓе во една земја. Претседателот како директно избран има специјална позиција и одговорност и треба да е свесен за тоа, инаку и наштетува на функцијата – изјави Хан.

Александра М. Митевска