Иванов блокира професионални дипломати, а форсира свои кадри


Најмалку тројца професионални дипломати од Министерството за надворешни работи, според информации на „Независен весник“, не добиле виза од претседателот Ѓорге Иванов за заминување во дипломатска мисија во дел од испразнетите претставништва на Македонија, главно, низ европските земји.

Иако нема официјална потврда за кои кадри станува збор, нашите информации говорат дека еден од нив е Игор Џундев, дипломат со долгогодишно искуство во МНР, при што едно време беше македонски амбасадор во ОН во Њујорк и му асистираше на Срѓан Керим кога беше претседател на Генералното собрание. Џундев бил планиран за амбасадор на Македонија во Мисијата на ОБСЕ во Виена – место кое е испразнето од неодамна. Наводно, како „грев“ на Џундев му се припишува тоа што направил гримаса за време на обраќање на Иванов пред странска делегација, што шефот на државата го протолкувал како несогласување со неговите тези. На списокот на одбиените се спомнува и Сашко Тодоровски, за кого се проценува дека не поминал кај Иванов поради неговиот ангажман како претседател на Синдикатот на македонската дипломатска служба, кој во изминатите години, за време на претходната власт, организираше неколку протести, од кои голем број токму за професионализација на дипломатијата.

Иако Иванов и јавно и на средбите со државниот врв се залагаше испразнетите амбасадорски места да бидат пополнети со дипломати од кариера, факт е дека во изминатите десет години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт не му пречеше воопшто партизацијата на дипломатијата, па и самиот буткаше свои кадри надвор од МНР. Сега, по смената на „Илинденска“ и доаѓањето на СДСМ на власт, кога во амбасадите практично сѐ уште се амбасадорите именувани од претходната влада, Иванов ги условува именувањата ставајќи рампа дури и за дипломати професионалци со што практично си отвора простор за именување на други професионалци што се поблиски до политиката што тој ја застапува. Поточно, и во време на СДСМ, дипломатијата да си остане вмровска.

Практично, иако помина половина година од смената на власта, ниту еден нов амбасадор сѐ уште не е испратен на функција, наспроти големиот број празни амбасади, а на функциите опстојуваат и тие ретките што новата влада изрази јавно желба да ги врати за да ја спроведе својата политика кон ЕУ и НАТО. Во тој контекст е амбасадорот на Македонија во Вашингтон, Васко Наумовски, кој како македонски преговарач за името ги критикуваше предлозите на медијаторот Метју Нимиц, нарекувајќи ги недостоинствени, по што Владата и МНР беа доведени во ситуација да се оградуваат од неговите ставови. Исто така, Зоран Дабиќ, можеби, ќе го дочека јулскиот Самит на НАТО како наш амбасадор во оваа организација поради поддршката од Иванов, и покрај реакциите што ги предизвика со еден говор во Алијансата, кој беше оценет како силен настап насочен против НАТО, по кој неформално е екскомунициран во оваа организација.

Кон крајот на минатата година од МНР сепак информираа дека е постигнат договор со Иванов за именување амбасадори во мисијата на ЕУ во Брисел, во Лондон, Париз, Подгорица, Берн, Осло, Варшава и во Букурешт. Но на почетокот на 2018 година, која се најавува како клучна за евроатлантските интеграции на земјата, Македонија е сѐ уште без свои претставници во дел од највлијателните европски метрополи. Тоа е уште еден пример за тоа како функционира кохабитацијата меѓу Иванов и новата влада, која, и покрај сите претходни несогласувања и непризнавања, реши сега да му подаде рака на шефот на државата, во насока на постигнување консензус за реформскиот процес кој треба да ги деблокира евроатлантските перспективи на земјата. Од кабинетот на Иванов, пак, демантираат дека шефот на државата го попречува процесот на пополнување на македонската дипломатска мрежа.

„Информацијата не е точна. Првата листа на професионални дипломати, усогласена со МНР, е испратена до Владата пред три месеци“, велат од претседателскиот кабинет.

За време на претходната влада, не се паметеше случај Иванов да блокирал предлог за нов амбасадор, иако тогаш, во најголем дел, се поставуваа дипломати надвор од МНР, откако уште во првите години од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ беше изменет Законот за надворешни работи кој предвидуваше две третини од амбасадорите да бидат професионални кадри. Единствено, во последните години запна акредитирањето на амбасадори на предлог на ДУИ, откако Иванов ги заостри односите со оваа партија, која не го призна неговиот реизбор за шеф на државата во 2014 година. Затоа, пак, на Иванов не му беше проблем да даде дозвола за испраќање амбасадори од неговото најтесно опкружување, како што беше случајот со неговиот поранешен шеф на кабинетот Дарко Ангелов, кој беше прво именуван за амбасадор во Будимпешта, а сега е наш претставник во Атина. Од кабинетот на Иванов во дипломатијата замина и Ивица Боцевски, како македонски претставник во новоотворената амбасада во Бразил, кој е таму речиси само со една мисија – да го промовира Иванов. Јован Донев, пак, кој беше последен амбасадор на Македонија во Лондон, од неодамна е назначен за член на Советот за безбедност со кој раководи Иванов. Ниту Боцевски ниту Донев немаат ништо со професионалната дипломатија на која сега инсистира претседателот, при што не е проблем што инсистира, туку што ја користи како изговор да блокира и да креира дипломатија по свој вкус.

Македонија во моментов има 57 дипломатско-конзуларни претставништва низ светот, од кои моментно 22 се без шефови, а до крајот на годината се очекува да се испразнат уште амбасадорски места. Само во Европа без амбасадори се 17 дипломатско-конзуларни претставништва. Од МНР одамна најавија дека нема да има партиски реваншизам и дека нема да враќаат предвреме амбасадори, но сега испаѓа дека не можат ни да праќаат кога се испразнети амбасадите. Она што се знае засега е дека на амбасадорската функција во Лондон треба да замине Александра Миовска, сега предводник на работната група на МНР што треба да преговара со тимот на грчкото МНР, во Брисел ќе замине Агнеса Руси, дипломат од кариера која служеше на пониско ниво во европската престолнина, а во Париз Јадранка Чаушевска, која на оваа функција доаѓа од пониска дипломатска функција во Софија. (Н.В.)