За седум години, само една пресуда за загаден воздух


Супермаркет од Гевгелија што испуштал непријатна миризба и голема бучава од вентилациските цевки и со тоа ги загрозил жителите на три куќи е единствениот кривично осуден загадувач на воздухот од 2012 година до денес. Оваа пресуда била донесена од гевгелискиот суд во 2014 година и е единствената што може да се најде во судската архива на интернет во последниве седум години, што се однесува на загадување на животната средина со непридржување кон прописите. Компанијата била казнета со 130.000 илјади денари, а управителот со 61.500 денари.

Во меѓувреме, Македонија стана најзагадена земја во Европа, а градовите Тетово, Скопје, Битола, Кичево и други, на моменти ги уриваат светските рекорди во концентрации на суспендираните честички ПМ10 во воздухот. Водата во реките излегува од градовите за една до две класи позагадена отколку кога влегува, а недостигот од систем за управување со отпадот создава ѓубришта насекаде.

Но, иако во Кривичниот законик има глава од 16 члена што се однесуваат на загрозувањето на животната средина, борбата против овие појави недостасува во судската пракса. Пребарувањето низ судската архива покажува дека случаи главно се водат против поединци или помали фирми, додека големите загадувачи, или ги нема, или се извлекуваат, пишува „Призма“.

Судовите низ земјава, од 2012 година до денес, донеле вкупно 401 пресуда во врска со кривични дела против животната средина. Најголем дел од нив, 157, се однесуваат на узурпација на недвижности. Лица што заземале јавен простор во природа и го користеле за свои потреби се казнувале условно или со парични казни.

Второ дело според бројот на пресудите е незаконскиот риболов, за кој има вкупно 90 судски одлуки. За ловење риба без дозвола се определувале од дневни глоби до затворски казни од по неколку месеци. Слично поминувале и криволовците, за кои во овој период има донесено 61 пресуда според главата за животна средина во Кривичниот законик.

Но, големите загадувачи на природата, и во ретките судски постапки што се воделе против нив, не само што се извлекувале со парични казни, туку и тие пресуди паѓале на апелациските судови. Рудник во источниот дел од земјава, поради неодржувани инсталации за контрола на јаловината, ги загадил локалните реки за три категории, од втора во петта. Локалниот суд ја осудил компанијата на казна од 300.000 денари, управителот на 61.500 денари, а надлежниот менаџер на 49.200 денари. Сѐ на сѐ, нешто помалку од 6.700 евра казна за голема меѓународна рударска компанија. Сепак, тие се жалеле и апелацискиот суд ја отфрлил пресудата на основниот, со образложение дека таа се однесувала на загадување и на почвата и на водата, а резултати од мерења имало само од водата.

Остатокот од текстот можете да го прочитате на следниот линк: 

http://prizma.mk/za-sedum-godini-samo-edna-presuda-za-zagaden-vozduh/?fbclid=IwAR2q_AV0Z5lJMO7zmsDly_k3Bw90P02VJg9Q56rC27WRn-vFb6Ym2dDY3DI