Засега само апели за подобра реализација на капиталните инвестиции


Капиталните инвестиции слабо се реализираат но Владата смирува дека во месеците кои следат ќе има повисока реализација. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека првите пет месеци во капитални проекти се вградени 54,2 милиони евра, или 13,8 отсто од 392,5 милиони евра планирани за годинава.

Алармот беше вклучен уште со објавувањето на кварталниот раст на БДП од само 0,1 отсто, зад кој стоеше висок пад на градежништвото од минус 37,2 отсто.

Од Министерството за финансии повторуваат дека добар дел од започнатите капитални проекти наследени од претходната влада имале проблеми за кои било неопходно време да се решат.

„За разлика од порано, сега не се инвестира во споменици кои немаат никаков ефект во економскиот развој на земјава. Дополнително, за разлика од порано сега се објавува колкав процент од капиталните инвестиции се реализирани, со што се подобрува информираноста на граѓаните за извршување на буџетот. Во текот на годината се очекува подобра реализација на капиталните трошоци, како што беше случај и минатата година, кога најдобро остварување имаше последните месеци од годината што придонесе за рекордна реализација на капиталните трошоци“, ни изјавија од Министерството за финансии.

Ефекти од капиталните инвестиции во земјоделството очекува и ресорниот министер Љупчо Николовски. Тој апелираше до општините и градоначалниците да подготват квалитетни проекти и да аплицираат на огласот за рурален развој, што е објавен денеска и ќе трае не еден, туку два месеца, до 31 август.

„Очекувам квалитетни проекти особено за капитални инвестиции. Затоа и огласот е пролонгиран, и наместо еден ќе трае два месеца“, изјави министерот Николовски.