Започна судењето на Иранецот со македонски пасош


Контроверзниот турско – ирански бизнисмен, Реза Зараб, кој поседува и македонски пасош, почна да сведочи пред американски судски власти. Тие го обвинуваат за кршење на ембаргото кон Иран преку сомнителни трансакции на турските банки. Тој изрази подготвеност да признае сѐ што знае, посочувајќи имиња блиски до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Зараб беше уапсен минатата година и е еден од сведоците на одбраната во случајот против заменик – директорот на „Халкбанк“, Хакан Атила, кој беше уапсен во САД. Македонски државјанин стана пред две години и сѐ уште е непознато врз која основа му е доделено тоа.
Светските медиуми вчера објавија дека Зараб, кого го нарекуваат „длабокото грло“ на скандалот со кршењето на ембаргото кон Иран, потврдил дека им дал неколку милиони долари на министерите на Ердоган за да му помогнат при вршењето сомнителни трансакции. Триесет и четиригодишниот бизнисмен рече дека сите трансакции оделе преку двете турски банки: „Актифбанк“ и „Халкбанк“.
„Во 2011 и во 2012 година започнавме да го кршиме ембаргото и тоа преку овие банки. Не можев да отворам сметка, па ми помагаше поранешниот министер за европски работи и шеф на преговарачкиот тим за членство во ЕУ, Егемен Багис“, сведочеше Зараб.
Тој го посочи и поранешниот министер за финансии во турската влада, Мехмет Зафер Качлахан, кој даде оставка во 2013 година, обвинувајќи го дека сѐ понудил да „поделат“ околу 50 милиони евра. Двајцата министри подоцна беа принудени да дадат оставка на своите позиции.
Ердоган го нарече судскиот процес во САД- „пародија“, потенцирајќи дека голем удел во обвинувањата кон него имаат луѓе блиски на Фетхулах Гулен, кого турските власти го сметаат за одговорен за ланскиот неуспешен воен удар.
Реза Зараб алијас Риза Сараф стана познато име во македонската јавност откако лани на 21 март, при патувањето во Дизниленд со сопругата и со петгодишната ќерка, беше уапсен од американските власти, а потоа беше соопштено оти покрај турски и ирански, поседувал и македонски пасош. Патните исправи ги користел во зависност од тоа каде се движел.
Според информациите, македонски државјанин станал во октомври 2015 година. Личната карта и пасошот на 34-годишниот маж, роден во Техеран, му ги издало Министерството за внатрешни работи во согласност со позитивното мислење на Владата. Никогаш не беше објаснето какви му биле релациите со Македонија. Неточни притоа беа шпекулациите дека инвестирал во македонското стопанство.
Од осамостојувањето на Македонија, повеќе од 250 „ВИП“ граѓани од странство, Македонија од категоријата особен спортски, научен, економски или културен интерес. Процедурата е следна: секој оној што смета дека направил нешто заслужно за земјава, треба да поднесе барање до МВР и сета потребна документација. Во зависност од тоа за каков интерес станува збор, надлежното министерство дава мислење за барањето. Владата, пак, се изјаснува за секое поединечно барање дали се или не се исполнети критериумите.
Најмногу натурализирани Македонци станаа жители од поранешните југословенски простори, но има и Американци, Украинки, Русинки… Најголем дел од нив се спортисти кои играјќи под наше знаме постигнаа значајни успеси на натпреварувањата во фудбал, кошарка, ракомет, ватерполо и борење. Меѓу нив се кошаркарот Лестер Бо Мекејлеб, ракометниот тренер Лино Червар, единствениот освојувач на медал од олимписките игри – борачот Могамед Ибрагимов…
Газдата на фудбалскиот, машкиот и женскиот ракометен клуб „Вардар“, Сергеј Самсоненко доби државјанство од економски интерес, како и Индиецот Субрата Рој. Оваа уредба постои „ако странец кој поднел барање за стекнување на државјанство на Република Македонија, инвестирал капитал во износ од најмалку 400.000 евра по лице како директна инвестиција во нови капацитети, со исклучок на угостителски објекти за исхрана и трговски капацитети, со најмалку десет вработени лица на неопределено време во период од најмалку една година“.
Државјанство на Македонија може да стекнат и странци, кои законски и легално во нашата земја престојуваат најмалку осум години, имаат свое место на живеење и егзистенција, да не се казнувани за посериозни дела и да знаат да се разберат на македонски јазик. Овој пример со Реза Зараб покажа дека државјанство добивале и лица со сомнителни профили и бизниси. (Г.А.-Н.П.)