Заев: Уверени сме дека во јуни ќе почнеме пристапни преговори


Нашата желба да бидеме членки на ЕУ е прашање на вредност. Ние веруваме во вредностите на ЕУ и сакаме тие вредности да ги практицираме и живееме овде во Македонија, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

– Македонија на Европа може да и даде многу, можеме да и дадеме пријателство, работлив народ, оптимизам, позитивна енергија и да бидеме составен дел во севкупната нејзина поставеност на глобално и светско ниво, изјави Заев.

Посочи дека земјите членки кои се со некоја резерва, треба да знаат дека од Македонија ќе добијат и нема да загубат ништо.

– Ние сме пријателска земја, мала земја, но сме европска земја, порача Заев.

Претседателот на ЕК Јункер истакна дека во земјава не пристигнал за да соопшти точен датум за почеток на преговорите, но напомена дека Македонија е на добар пат, постигнала напредок и оти ако продолжи да се движи во таа насока за неколку месеци може да го добие очекуваното и препораката нема да биде условена.

– Ние сме повеќе од задоволни од ритамот на реформите кои се прават во земјата, вклучително нешто што е многу важно, а тоа е обидот на Владата да се поврзе со опозицијата, што е многу важно. Сакаме да бидеме сигурни дека реформите се поддржани од големо мнозинство внатре во земјата, рече Јункер.

Во однос на спорот за името, рече дека нормално кажува како треба работите да бидат направени, но сега се повлекува од давање отворени насоки, бидејќи тоа останува на нас да го решиме со грчките пријатели.

– Завршете ги своите работи со Грција и Грција треба да ги заврши своите работи со вашата земја и тогаш работите ќе се движат во насока на целосното помирување. Договорот со Бугарија е уште една точка на вашиот пат кон членство во ЕУ. Секако реформите, треба да бидат исполнети, бидејќи ова ќе биде направно врз основа на заслуга. Не се грижете, туку продолжете, порача Јункер.

Премиерот Заев нагласи дека позитивниот извештај и обновената безусловна порака ќе даде дополнителен поттик на внатрешните реформски процеси и понатамошно унапредување на добрососедснките односи.

– Од самитот на ЕУ-Западен Балкан во мај во Софија очекуваме создавање на агенда што јасно ќе го трасира предпристапниот пат на ЕУ врз основа на предлозите од стратегијата. Силно сме уверени дека во јуни 2018 година Советот ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Работиме на обезбедување поддршка од сите земји членки, изјави Заев.

Заев рече дека наша е должност да преземеме одговорност за оваа историска можност да се реши прашањето за името и дека за Владата е прифатливо име со географска одредница, кое ќе направи дистинкција меѓу Македонија и регионот во Грција, кој го носи тоа име.

– Инсистираме на решение, кое ќе биде трајно, но и ќе го почитува достоинството и ќе го заштити идентитетот на двете држави, рече Заев.