Заев и Ципрас конечно си кажаа „ало“: Телефонот заѕвони, разговорите продолжуваат


Долгонајавуваниот телефонски разговор меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, конечно се реализираше вчера, а за утрово е најавено продолжение на разговорите. Двајцата премиери, како што беше соопштено, разговарале еден час во периодот меѓу 14 и 15 часот и комуникацијата поминала во „добра клима“. Денешниот разговор се најавува како финален пред двете влади да објават пред јавноста во нивните држави дали е постигнат договор за надминување на долгогодишниот спор за името.

Разговорот Заев-Ципрас го најави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас откако заврши неговиот вонреден состанок со Ципрас. Претходно, во текот на денот, премиерот Заев изјави дека се надева на решение за името пред самитот на ЕУ на крајот од месецот. Заев рече дека е битно да се постигне квалитетно решение што ќе биде правно поткрепено, достоинствено и ќе го зачува идентитетот, така што ќе има позитивен одѕив кај граѓаните на земјава кои за него треба да се изјаснат на референдум.

Македонскиот премиер истакна дека постојано се одржува комуникација на сите нивоа во Владата во однос на прашањето за името и оти се разгледуваат различни стратегии за завршување на овој 25-годишен спор. Нагласи оти секако тоа би бил договор најпрво меѓу претседателите на двете влади, меѓу министрите за надворешни работи, а кога тоа ќе се случи веднаш ќе бидат информирани шефот на државата, шефот на опозицијата, другите политички лидери и граѓаните.

Со тоа премиерот уште еднаш ги демантираше информациите за наводен расцеп во Владата околу решението за името, односно за судир меѓу него и шефот на дипломатијата Никола Димитров. Претходно, Заев и Димитров, преку фотографии од нивно приватно дружење во Струмица, во друштво со сопругите, пратија порака дека нема разногласие по однос на стратегиското прашање на чие разрешување е посветена Владата во последните неколку месеци, а кое, според последните информации, е пред самиот финиш. Но тоа не го обесхрабри пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој уште кон крајот на минатиот месец ја фрли прв ракавицата за можен раскол на „Илинденска“, посочувајќи дека Димитров е маргинализиран во текот на преговорите за името, за сметка на еден од советниците на Заев. Коментирајќи ги фотографиите од Струмица, Милошоски забележа на својот фејсбук-профил дека дипломати од Обединетите нации дојавиле дека актуелниот шеф на дипломатијата не ја гледа долгорочно својата перспектива во Македонија.

Во последните седмици, откако почна да се наѕира договор за долгогодишниот спор со Грција, Милошоски постојано ја бомбардира јавноста со фалш информации и најави за развојот на преговорите, што ги објавува на својот фејсбук-профил. Иако тие информации не се потврдија, јавноста ги прифаќа како релевантни со оглед на тоа што доаѓаат од поранешен министер за надворешни работи. Милошоски своевремено беше директно вклучен во процесот за надминување на спорот, особено кога шефица на дипломатијата беше Дора Бакојани од сега опозициската Нова демократија. Тој учествуваше во подготовката на тужбата на Македонија против Грција во Хаг за непочитување на Времената спогодба меѓу двете земји. Претседателот Ѓорге Иванов, пак, со години наназад го застапува ставот дека ефектуирањето на оваа пресуда, која е во корист на Македонија, е патот за надминување на спорот за името.

Од кабинетот на Иванов, до затворањето на овој број на весникот, не добивме одговор дали тој има информации за судир во државниот врв по однос на прашањето на името и дали е информиран за најновиот развој на процесот, со оглед на вчерашниот телефонски разговор Заев – Ципрас. Ниту Милошоски не одговараше вчера на телефонските повици за да каже од каде ги добива информациите околу текот и перспективите на преговорите за името.

Милошоски сака да наметне впечаток дека е информиран за текот на преговорите со Грција, иако не учествуваше ниту на една лидерска средба на оваа тема што ја свика премиерот Заев. Наспроти тоа, од централата на ВМРО-ДПМНЕ постојано излегуваат со наводи дека немаат доволно информации околу преговорите, иако и од опозицијата зависи евентуалната одлука за распишување референдум за името, а потоа веројатно и за уставни измени.

Од ВМРО-ДПМНЕ ни изјавија вчера дека статусите за името што ги споделува Милошоски преку својот фејсбук-профил се негови лични и дека партијата не располага со такви информации. ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласуваат од партијата, не е информирана ниту од владејачката гарнитура за текот на процесот со Грција. Последната информативна средба за името што ја свика Заев, според ВМРО-ДПМНЕ била импровизација и не ја исполнила целта за информирање на опозицијата за текот на процесот. По последната средба на државниот врв за името, дополнителни информации и документација од Заев бараше и претседателот Ѓорге Иванов, кој во повеќе наврати последниве денови порача дека не прифаќа име за севкупна употреба.

Инаку, министерот за надворешни работи Димитров влезе во владиниот кабинет на Заев како непартиско решение. Иако не припаѓа на сдсмовскиот врв, на Димитров како шеф на дипломатијата му припадна најтешката и на непопуларна задача – да го решава долгогодишниот спор за името. И тоа во период кога преговорите со Грција отидоа чекор понатаму, така што во нив директно се вклучија шефовите на дипломатиите и на владите на двете држави.

Александра М. Митевска