Заев ги слушна барањата за уставните нацрт-амандмани од новата пратеничка група


Премиерот Зоран Заев и владин тим ќе ги разгледаат  нацрт-амандманите на Уставот предложени од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Заев попладнево по средбата во Парламентот со осумтемина пратеници од оваа група, на која присуствуваа и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Дескоска, кажа дека до петок ќе има уште една средба со осуммината пратеници кои ги поддржаа уставните измени, како и дека продолжуваат консултациите за нацрт-амандманите со другите пратеници од мнозинството, но и од БЕСА и Алијанса на Албанците.

На средбата станало збор и за формирање кординативно тело за помирување во кое тројца членови би биле од новата пратеничка група, како и координаторите од другите пратеничките групи.

-Можам да констатирам дека во тој дел на дебатата за нацрт-амандманите изнајдовме конкретни насоки што ни беа дадени нам како изготвувачи на нацрт-амандманите и за делот за зајкнувањето на македонскиот идентитет и во делот на гаранцијата дека процесот ќе биде истеран и нема да биде блокиран, односно гаранцијата дека уставните амандмани ќе влезат на сила со ратификацијата на договорот во грчкиот Парламент, но и во делот на внатрешната примена како тоа новото име ќе почне да се применува, рече Заев.

Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ по средбата потврди дека се разговарало за барањата што ги упати оваа група пратеници по поддршката на отворањето на процесот за уставни измени.

Нашите предлози во најголем дел, рече тој, за Владата се прифатливи и оттаму ветија дека ќе ги вградат во нацрт-амандмани. Потоа, додаде Рамчиловиќ треба да ги испратат до нас и да видиме дали тоа е направено.

Според него со гласањето „за“ отворање на уставните измени  тој не отстапил од ставот на Здружението за културно обединување на Бошњаците – АВАЗ дека ќе ја почитува волјата на мнозинството од  македонскиот народ во врска со ова прашање. Референдумот, потенцира тој, заврши како што заврши, а процесот се префрли во македонското Собрание. Таму мнозинскиот дел од македонските пратеници гласаа „за“ и затоа рече, мислам дека не отстапив од тој став.