„Железниот светилник“ во знак на помирување


Дипломати, министри, заменици-министри, актери, режисери, претставници од МПЦ завчеравечер во МНТ ја погледнаа претставата на Театарот на бугарската армија „Железниот светилник“ по текст на писателот Димитар Талев, а во режија на Асен Шопов. Претставата ќе се одигра на уште пет театарски сцени низ земјава, и тоа во Охрид, Битола, Штип, Струмица и Прилеп.

Турнејата на театарот на бугарската армија е спонзорирана од Фондацијата „Илија Камчев“ под покровителство на Министерството за култура на Македонија и Министерството за одбрана на Бугарија. Писателот Димитар Талев со години беше тема на преписки меѓу двете земји и многу дискусии околу неговите книжевни дела, за тоа на која земја тој ѝ припаѓа. Талев е роден во Прилеп, но живеел и творел во Бугарија. Се смета за извонреден писател кој во своите дела го третира животот на обичниот човек.

Дејствието на „Железниот светилник“ е сместено во Преспа и се одвива децении пред Илинденското востание, ја третира борбата на луѓето за независна црква, за образование и за слобода.
Она што со години беше спорно меѓу двете земји беше реакцијата на членови на семејството на Талев за тоа дека Македонија без да плати авторски права ги преведувала неговите дела. Преписките одеа и дотаму дека биле менувани зборови како „Бугарија“ и „бугарски“ во „Македонија“ и „македонски“, но и дека недостигале по стотина страници во преведените книги.

Сцена од претставата „Железниот светилник“ во режија на Асен Шопов

Тоа што токму сега се игра оваа претстава со гостувања низ земјата е најавено како поддршка во насоката на развој на културата во двете земји.
Директорот на Театарот на бугарската армија, Мирослав Пашов, вели дека актерите, воопшто, играат ликови од различни автори од различни страни, а целта е да се научи нешто добро од она што се прикажува.

– Талев е исклучителен автор и успеал да забележи нешто исклучително важно. Тој се занимава со животот на малиот човек, на обичниот човек. Не се занимаваме со тоа од каде е авторот. Кога тој ќе се постави на сцена, тоа веќе нема граници. Тоа е нешто што ние треба да го разбереме. Ние актерите играме ликови напишани од автори од различни страни и немаме конфликт со тоа. Напротив, ние покажуваме едни битија, ситуации од кои треба да извлечеме нешто добро и да не ги повторуваме грешките – вели Пашов.

Во духот на подобрување на односите и развивање на меѓусебната култура, неколку часа пред почетокот на претставата средба остварија и министрите за култура на двете земји, Боил Банов и Асаф Адеми заедно со македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Великов Петков, во придружба на Светлана Славова, директорка на Бугарскиот културно-информативан центар во Скопје.
„Соговорниците на средбата изразија уверување дека успешната соработка и планираните активности меѓу двете земји во областа на културата ќе продолжат со истиот интензитет и поддршка од двете страни“, се вели во владиното соопштение.

Премиерот Зоран Заев на средба со министерот за култура на Бугарија Боил Банов

Министерот за култура на Бугарија, Боил Банов, присуствуваше и на самата претстава во МНТ, од каде што испрати порака дека ние сме братски народи и дека културата нè врзува многу длабоко.

– Секоја иницијатива за заемна соработка во областа на културата е добра, тоа е природен процес за нас. Дури и низ годините кога имало политички проблеми, културата била на добро ниво. Артистите и од Бугарија и од Македонија секогаш сме биле пријатели. Талев е огромна културна фигура на Балканскиот Полуостров, тој и на европско и на светско ниво е важен. Сите треба да се гордееме со него, и Македонците и Бугарите – рече Банов.

Пред неколку дена, Банов во интервју за бугарското радио „Дарик“ беше прашан за случајот од 2016 година кога бугарското министерство за култура побарало одговор од македонското околу почитувањето на авторските права за преводите на книгите на Талев. Тогаш, тамошните медиуми пишуваа дека Македонија го прекршила членот 12 од Програмата за соработка во областа на културата, што двете министерства ја потпишале за периодот од 2015 до 2017 година. Во одговорот Банов вели дека разговарал со претходниот министер, но со неговата посета сега повторно ќе ја отвори темата.

– Неодамна зборувавме со поранешниот министер за култура на Македонија, но сега тие имаат нов министер, па повторно ќе разговараме. Многу работи се променија во Македонија благодарение на сегашното државно раководство. Многу. И во длабочина, не само формално и не само на површината – вели Банов за радио „Дарик“.

Театарот на бугарската армија ја поставува „Железниот светилник“ во 2011 година и досега има над 200 изведби.
Меѓу присутните на изведбата во МНТ беше и Орце Камчев, претседател на Фондацијата „Илија Камчев“, како главен спонзор на турнејата на Театарот на бугарската армија. Иако претходно беше најавено дека претставата ќе ја проследат и премиерите Зоран Заев и Бојко Борис, тие не се појавија.

Ивана Настеска