Жан Митрев клиника одбележа 18 години


Приватната клиника на Жан Митрев прослави 18 години од своето постоење како прва приватна кардиохирургија во Македонија.

Болницата која во 2000-та година започна со 10-тина вработени денес има над 300.

На први март 2016 година се отвори новата болница. За првпат во Македонија почна нов концепт во медицината-персонализирана медицина базирана на генетската предодреденост на секоја индивидуа.

Бројките кои ја одбележаа 18 годишнината од Жан Митрев клиника се милион и петстотини илјади третирани пациенти и над 30.000 направени операции на пациенти од цела Европа.

„Во 2000 година ги поставивме темелите на современите медицински услуги преку специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ која ја конципирав како модерна единица за интензивна нега со врвна функционална операциона сала во тоа време. Од 2003-та година горди сме што ја направивме првата операција на отворено срце на буден пациент, за што во 2004 –та година болницата доби високо меѓународно признание. Година дена подоцна започнавме и со третман на вродени срцеви заболувања. Првиот АSD occluder (преткоморно чадорче) беше успешно поставен, на преткоморен дефект кај 4 годишно момче“, изјави академик д-р Жан Митрев, сопственик на болницата и реномиран кардиоваскуларен хирург.

Меѓу  гостите на прославата беа претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министрите за внатрешни работи и здравство Оливер Спасовски и Венко Филипче.