ЕК бара одговор од Словачка по наводите за злоупотреби, истражувани од убиениот новинар
Европската комисија осоопшти дека денеска побарала од властите во Словачка да го објаснат трошењето на средствата од ЕУ, наменети за земјоделството. Таквото барање доаѓа по сомнежите покренати со истрагата она новинарот Јан Куциак, кој беше убиен минатата недела.
Комисијата ги упати прашањата до службата која врши плаќања по земјоделските фондови во Словачка. Одговарајќи на прашањето дали со темата треба да се занимава Европската служба за борба против злоупотреби (ОЛАФ), портпаролот на Европската комисија рече дека тоа е независна институција која самостојно одлучува со кои прашања ќе се занимава.
Портпаролот истакна дека ЕК нема да толерира каква било злоупотреба на фондовите на ЕУ, каде и да се случува во Унијата. Тој јасно стави до знаење дека ЕУ е одговорна за почитување на правилата.
– Ги повикуваме државите да вложат напори за спречување на злоупотребите. Секој сомнеж го сфаќамемногу сериозно, додаде портпаролот.
Телата на Јан Куциак и неговата вереница во неделата вечер беа пронајдени во нивниот стан во Велка Мача, а се претпоставува дека бил убиен затоа што истражувал обвинувања за незаконски исплати од фондови на ЕУ преку даночни измами во кои биле вмешани словачки и италијански државјани поврзани со италијанската мафија „Ндрангета“.