Економските директори ги докусурија клиниките


Четири лица, од кои еден е во бегство, се осомничени за нападот на економскиот директор на Државната клиника за гинекологија, Ваљон Беља. Тројцата приведени веќе беа однесени на распит во Кривичниот суд, по што беа ослободени под услов да не му се приближуваат на кадарот на ДУИ, кој доби два куршума во нозете. Причините за престрелката и натаму се истражуваат, но ниту од полицијата ниту од неговата матична партија нема потврда дали станува збор за пресметка со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, имајќи ги предвид долгогодишните недоразбирања меѓу нив двајца.

Поголема е веројатноста сепак да се дојде до тоа прашање отколку да се одговори како е можно човек со такво минато во кое, меѓу другото, има и кривична пријава за загрозување на безбедноста, да раководи со државна функција за која, патем, и нема квалификации? Впрочем, сопартијците на ДУИ честопати знаат да ја земат правдата во свои раце, но трагично е што нивниот беснотилак го плаќаат сите даночни обврзници во земјава бидејќи, во случајов, платата на Беља се исплаќа од државниот буџет.

А не само платата, проблематична е самата позиција на Беља, но и на петнаесетина негови колеги што во моментов ја држат. Економските директори воопшто не ја исполнуваат задачата – расчистување на долговите во клиниките, придонесување за подобри услови за работење на здравствените работници и подобар третман на пациентите. Напротив, тие се дополнителен финансиски трошок и алатка за политичко поткусурување на партиите.

Актуелната власт го наследи моделот на економски директори, но, иако ветуваше дека ќе ги укине, тоа не се случи. Всушност, по смената на владата, разрешени беа десетина функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но не и оние од ДУИ.

Проблемот со непланското трошење пари во здравството не е само кај економските директори. Можеби тие најлесно паѓаат во очите на јавноста затоа што земаат плата од 90.000 денари, што е повеќе отколку што им следува на докторите специјалисти. Тие имаат менаџерски договори и се врзани со медицинските директори. Всушност, се условуваат еден со друг, за каква било одлука мора да има потпис од двајцата директори. Ако едниот не сака – може да го уценува другиот и затоа е плодна почва за пазарење меѓу политичките партнери. Не заборавајте дека се влијателни и при склучување договори и добивање тендери. Освен нив, секоја клиника, а ги има 32 на број, има свој управен одбор со шест-седум члена. За секоја седница што ќе ја одржат наплаќаат по осум илјади денари поединечно. Пресметајте колку пари се трошат на администрација“, велат здравствените работници што ги контактиравме.

Најавите за спојување на повеќе клиники со цел намалување на трошоците би значело и скратување на администрацијата. Но и тоа решение, наводно, по инсистирање на ДУИ, засега се одолговлекува и стопира. Не само тоа, туку и продолжува именувањето нови економски директори. Од нив, на пример, се бара да имаат најмалку петгодишно искуство во економскиот сектор, само што огласи речиси никогаш нема, па станува јасно дека имињата се договараат на партиските седници.

И Арбен Таравари и Венко Филипче, кои министеруваат со Здравство по падот на ВМРО-ДПМНЕ, јавно изјавија дека позициите економски директор заминуваат во историјата, но одлуката е смената со објаснување дека обемот на работа во клиниките е огромен поради што и овој кадар е добредојден. Додека по болниците за затвораат цели оддели затоа што нема пари за привлекување медицински кадар, економските директори добиваат редовна плата и за нив нема зима.

Според информациите, и медицински и економски директор во моментов има на Клиниката за детски клиники (Ридван Ибраими), Ревматологија (Хисен Амети), Институтот за белодробни заболувања во Козле (Ријад Алими), Институтот за трансфузиона медицина (Авли Исмаили), Здравствен дом (Бесим Кока), Болницата „Свети Наум Охридски“ (Нермин Шакири)…

Економските директори беа воведени пред 12 години. Тогаш втор менаџер добија сите клиники, институти и болници со над 1.000 вработени.

Горан Адамовски