ДУИ повеќе жнее отколку што сее. Бараа претседател, ќе се задоволат со гувернер


ДУИ го посакува гувернерското место. Шанса да стигне до таа позиција владејачката партија на Албанците гледа и во претстојните претседателски избори, можеби затоа што шефот на државата го дава предлогот за прв човек на Народна банка кој, пак, потоа треба да биде избран со апсолутно мнозинство во парламентот.

Првите анкети во предизборието не ѝ се многу наклонети на ДУИ и покажуваат дека партијата нема поголема контрола над своето гласачко тело. Во првиот изборен круг тоа може да значи мал придонес на интегративците во поддршката на консензуалниот кандидат Стево Пендаровски, како и нивна значителна незаинтересираност за учество во вториот круг од изборите. Наспроти ваквите показатели, пратеникот и организациски секретар на партијата Артан Груби ја разбранува деновиве јавноста посочувајќи дека принципот на консензуалност ќе ѝ овозможи на партијата да стигне до челните позиции во државниот врв, но и во монетарната власт.

Гостувајќи на ТВ21, на прашање на новинарот „Што сеете, а што очекувате да жнеете“, а во контекст на заедничкиот изборен настап на владејачките партии, Груби одговори дека очекува консензуалност и факторизирање, а не минимизирање на гласот на Албанците..

– Како што успеавме да го направиме Фатмир Бесими министер за одбрана, што беше незамисливо, како што успеавме да го направиме Талат Џафери министер за одбрана, а Агим Нухиу министер за внатрешни работи, како што успеавме со државниот правобранител, народниот правобранител…, ќе успееме да го земеме и гувернерот. Како што го зедовме претседателот на Собранието, утре ќе го земеме и премиерот, а ќе го земеме и претседателот на државата – истакна Груби.

Иако ги спомна повеќето од највисоките функции во државата, посочувањето на Груби на гувернерската позиција предизвика посебно внимание поради ингеренциите на претседателот при изборот на носителот на оваа функција. Сепак, Груби додаде вчера дека нема политички пазар меѓу ДУИ и СДСМ за гувернерската позиција за возврат на поддршката за Пендаровски.

– Нема никаков пазар туку се работи за концепт на консензуалност. Веќе имаме консензуален кандидат за претседател и тој концепт има за цел да се избегне мајоризација на втората страна во процесот. Имавме министри за правда, за одбрана, за внатрешни работи и зошто да немаме и премиер, претседател или гувернер. Ахмети кажа дека ДУИ има квалитетни кадри што може да бидат на овие места, кои досега беа резервирани за една страна. Работиме на концептот. Во 2014 година имавме партиски кандидати, сега имаме консензуален. За нас не е битно само да учествуваме во натпреварот, туку и да победиме – одговори Груби на прашање дали Фатмир Бесими е нивниот кандидат за гувернер.

Висок функционер на СДСМ тврди дека нема никаков договор со ДУИ за гувернерската функција, а во контекст на престојните избори.

Во најновата анкета на МЦМС нема конкретни податоци за рејтинзите на партиите што ќе учествуваат со свои кандидати во претседателската трка. Сепак, симболично малата предност на Пендаровски, зад кого застанаа и СДСМ и ДУИ, пред Гордана Силјановска, како кандидатка главно на ВМРО-ДПМНЕ, е своевиден показател дека партијата на Ахмети, барем во првиот круг, тешко ќе испорача доволно гласови за поддршка на консензуалниот кандидат. Иако токму Ахмети, уште пред пет години, ја лансираше идејата за консензуален кандидат, актуелизирајќи ја во ова предизборие, анкетата покажува дека над 57 проценти од поддржувачите на ДУИ во првиот круг би гласале за независниот кандидат, поддржан од опозицијата во албанскиот блок – Блерим Река. За Пендаровски, пак, би гласале 25, 7 отсто од поддржувачите на ДУИ, наспроти 84,5 отсто од поддржувачите на СДСМ. Според тоа, гласачите на ДУИ и во овој случај би му дале предност на етничкиот принцип, што може да ја доведе во незгодна позиција владејачката партија на Албанците, затоа што секоја бројка од над 60 илјади гласови за поддршка на Река би сигнализирала превласт на албанскиот опозициски блок. Според анкетата на МЦМС, и покрај скромната поддршка што Пендаровски може да ја очекува од ДУИ во првиот круг, тој поминува многу подобро од Силјановска меѓу албанскиот електорат, како што е и случајот со СДСМ наспроти ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, неколку анкети во минатото покажаа речиси изедначен рејтинг на СДСМ и на ДУИ кај гласачите Албанци, што можеби е и една од причините поради кои функционери од партијата на Ахмети сега излегуваат со најави за добивање на највисоките државни функции по етнички клуч.

Од МЦМС посочуваат дека во вториот и одлучувачки круг од претседателските избори се очекува пресврт кај гласачите на ДУИ.

– Мнозинството симпатизери на ДУИ изјавиле дека во првиот круг ќе гласаат

за Река, додека во вториот круг, кога се очекува избор меѓу Пендаровски и Силјановска, мнозинството од нив – 58,6 проценти се определуваат за Пендаровски, ниту еден за Силјановска, а 25,7 отсто нема да излезат на гласање. Дополнително, има високо ниво на определеност кај етничките Албанци да не се излегува воопшто на гласањето. Во првиот круг тој процент изнесува 16,8 отсто, а за вториот, кога не се очекува да има кандидат етнички Албанец, процентот за неизлегување расте до 37,3 отсто, при што нема голема разлика меѓу поддржувачите на ДУИ и Алијансата за Албанците/Беса. Ова може да влијае на постигнувањето на цензусот – анализираат од МЦМС.

Бежоска има мандат до 2025, а идниот претседател до 2024 година

Прашање е дали идниот претседател, што се очекува да биде избран на 5 мај, воопшто ќе добие шанса да предложи гувернер на Народна банка, со оглед на тоа што мандатот за извршување на оваа функција е седум години, наспроти петгодишниот мандат на шефот на државата. Сегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска ја презеде функцијата во мај минатата година, што значи дека има мандат до 2025 година. Мандатот, пак, на претседателот кој би бил избран во мај ќе трае до пролетта 2024 година. Законот за Народна банка предвидува и услови за разрешување на член на Советот на централната банка, но тоа би претставувало своевиден преседан доколку се преземе како резултат на политички математики.

ДУИ и минатата година пројави амбиција да ја заземе гувернерската позиција, за што го подготвуваше поранешниот министер во повеќе ресори, Фатмир Бесими, наспроти желбата на актуелниот претседател Ѓорге Иванов да го остави на функцијата Димитар Богов. На крајот, Бежоска испадна „консензуално решение“ за надминување на овој кадровски спор меѓу Иванов и парламентарното мнозинство.

Александра М. Митевска