Полскиот урбанист Циборовски доби спомен-плоча за неговиот придонес во обновата на Скопје
Спомен-плочата во Старата скопска чаршија во чест на полскиот урбанист Адолф Циборовски е мал, но значаен чин на благодарност кон човекот кој помогна да се зачува духот на Старата скопска чаршија – истакна градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, во објава на социјалните мрежи.
Ѓорѓиевски и градоначалникот на Чаир Изет Меџити денеска ја открија спомен-плочата посветена на Циборовски, во присуство на неговата внука и претставници од Полската амбасада, во знак на благодарност за неговиот значаен придонес во зачувувањето на еден од највредните симболи на идентитетот на нашиот град.

Како што наведува Ѓорѓиевски, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога од урнатините се создавала новата визија за Скопје, Циборовски бил меѓу меѓународните експерти кои цврсто се залагале Старата скопска чаршија да остане нераскинлив дел од градот.
– Во време кога постоеле идеи историското јадро да биде заменето со целосно модерни градби, тој ја бранел визијата дека Скопје мора да се развива, но притоа да ги зачува својата историја, традиција и препознатливост. Денешната спомен-плоча е мал, но значаен чин на благодарност кон човекот кој помогна да се зачува духот на Старата скопска чаршија. Чаршијата е историја, култура, паметење и жив идентитет на Скопје – напиша Ѓорѓиевски, на својот фејсбук профил, порачувајќи дека наша обврска е да ја чуваме, да ја унапредуваме и да им ја оставиме на идните генерации како сведоштво за градот кој знае да се развива, но никогаш не ги заборава своите корени.

Адолф Циборовски и Кензо Танге беа клучните светски експерти кои го исцртаа новиот план за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тие ја водеа визијата за изградба на нов, современ град од урнатините.
Адолф Циборовски беше полски урбанист и раководител на проектот на ОН за обновување на Скопје. Тој работеше на целокупниот стратегиски и социјален план за развој на градот.
Кензо Танге беше познат јапонски архитект кој победи на меѓународниот урбанистички конкурс за центарот на Скопје во 1965 година. Негово дело е препознатливиот „Градски ѕид“ и новиот лик на централното градско подрачје.