СДСМ: Денес се сеќаваме на земјотресот што го разурна Скопје – денес имаме разурната Македонија
Денес се сеќаваме на земјотресот што го разурна Скопје – денес имаме разурната цела Македонија, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Правејќи паралела со катастрофалниот земјотрес од 1963 година, од СДСМ посочуваат дека тоа било природна катастрофа, а денес, како што велат во објавата од опозициската партија, државата се соочува со системска непогода.
„Тогаш земјата се тресеше дваесет секунди. Денес, веќе повеќе од две години, се разоруваат довербата, институциите, економијата и перспективите. Повеќе од две години се трујат: водата, народот, медиумите, информациите, институциите. Иднината. Тогаш последиците беа урнатини и жртви. Денес гледаме разболени граѓани, празни фрижидери, задолжена и изолирана држава и млади што си заминуваат“ , велат од СДСМ.
Земјотресот беше сила на природата, а денешните проблеми, како што велат од СДСМ, се последица на политички одлуки и на начинот на кој се управува со државата.
„Последиците се видливи. Разорена доверба. Ослабени институции. Земја од која младите заминуваат“, се наведува во соопштението од СДСМ.