ДУИ мува не ја лази


Новите кривични пријави за високи функционери на ДУИ, тешко дека ќе го занишаат бродот на партијата на Али Ахмети. Закотвени во стилот на владеење што го практикуваат десетина година откако се на власт и во моќта што ја црпат со контролата на албанското гласачко тело, во лице им се смеат на немоќните институции да стават крај на нивното самоволие. Пораките со кои што ги охрабруваат службите да се занимаваат со нивниот евентуален криминал, секако со забелешка правдата да не биде селективна, сè повеќе наменети за јавноста отколку што се вистински крик за функционирање на правната држава.

Според Финансиската полиција, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, кој формално е дел од НДП – партија на Весел Мехмеди, и неговиот претходник Лирим Шабани незаконски исплатиле хонорари во износ од околу 37.000 евра. Станува збор за наводна злоупотреба на фондовите на ИПА и оперативната програма меѓу Македонија и Бугарија. Две службенички преку четири договори како дополнително ангажирани лица добиле хонорари во вкупен износ од 2,2 милиони денари. Од Државниот завод за ревизија препорачале средствата да бидат вратени во ИПА-фондовите. Двајцата вчера демантираа дека биле направени злоупотреби.

Скандали без разрешница

Скандалите со албанските министри, пред сè од ДУИ, главно завршуваат на сомневања за сторен криминал и минуваат без судска разрешница, па затоа мора да се земат со задршка.

Пред три-четири месеци, дел од јавноста обвинуваше дека министерот за образование Арбер Адеми склучил 27 тендери во четири очи со фирми блиски на ДУИ, кои тежат седум милиони евра. Остана на тоа. Вицепремиерот Бујар Османи беше осомничен од страна на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Пациент“. Тој се товари дека како поранешен министер за здравство, заедно со уште 15 лица, фаворизирал и доделил јавна набавка на фирма од Бугарија, за која знаел дека не ги исполнува условите, но била избрана да ги реконструира болниците во Тетово и Охрид, како и Гинеколошката клиника Чаир во Скопје. Лидерот Али Ахмети, заедно со Никола Груевски е осомничен за неспроведување на пописот во 2011 година. Двајцата ги потрошиле парите за подготовка на големата статистичка операција, но потоа се премислиле. Муса Џафери беше обвинет во случајот „Маѓар телеком“, а пратеникот Ејуп Алими и Исмет Гуру се во предметот „Титаник 3“… Бргу заборавени беа самоповредувањето на полицајката пред ТЦ „Мавровка“ и заканите кон инспекторите што се дрзнуваат да вршат контрола врз објекти што се во сопственост на членови на владејачката партија.

Исклучок во сомневањата за злоупотреба и криминал е епилогот од пред неколку години кога на двегодишен затвор беше осуден внукот на Рафиз Алити поради предизвикување на пожарот во „Македонски пошти“ при што беше нанесена штета од 100.000 евра. Во тој период се случуваа голем број крвави грабежи на поштенски пратки, при што криминалците собраа четири милиони евра. „Пошти“ ги имаше парите осигурено, а подоцна си ги наплатуваше. Украдените никогаш не беа пронајдени.

Министрите на ДУИ предничат и во својата некомпетенција, па така ретко може да најдете случај каде што некој шефува со сектор апропо своето образование и искуство. Најсвеж пример за тоа е министерот за култура Асаф Адеми, кој по вокација е градежен инженер. Министерот за животна средина Садула Дураки дипломирал на Машинскиот факултет во Приштина, а во неговата биографија стои дека само три години бил наставник по техничко училиште, по што станал виш царински соработник во Царинската управа, градоначалник, па дури и министер за земјоделство во владата на Владо Бучковски. Јавноста најдобро го познава од воената 2001 година кога заедно со уште двајца припадници на ОНА го заврте вентилот за довод на вода од Липковското Езеро, по што населените места од кумановскиот крај немаа вода неколку недели. Веднаш потоа, почна метеорскиот скок во политиката на командант Вентили. Неодамна се истакна кога на прашањето за загадениот воздух, за кое патем, претходно не се изјасни ниту еднаш откако е министер, рече оти Македонија не е Швајцарија и тој не е тука заради граѓаните.

Вицепремиерот Хазби Лика, пак, поради кавга со Ахмети, половина година не се појави на работното место во владата, но затоа уредно добиваше плата. Тој не се појави ни на годишнината од одбележувањето на Рамковниот договор, чие спроведување е негова задача. Во еден момент, премиерот Зоран Заев најави дека ќе има смени во владата затоа што не може некој да не работи, а да добива плата. Оттогаш, Лика е редовен на седниците на „Илинденска“.

Другите министри на ДУИ во Владата се толку невидливи што нивните имиња се споменуваат само кога се назначуваат или си заминуваат од функцијата или кога ќе направат некој гаф како оној на довчерашниот министер за правда Билен Салију, кој упорно со службеното возило се паркираше на тротоарот пред зградата на Министерството во центарот на Скопје.

Почнаа да размислуваат и на гласачите

Главниот уредник на „Лајм“, Исен Салиу, кој отворено ги критикува погрешните потези што ги влече централата во Мала Речица, вели дека можеби звучи иронично, но откако партијата ослабна и остана само со десет пратеници се води повеќе сметка за кадрите што ги предлагаат на функциите.

Слободно можам да кажам дека веќе не е главен критериум функционерите да бидат слепи партиски милитантни, тука се води грижа да ја знаат и работата. Мислам дека со исклучок на некои актуелни функционери, кои ги следи сенката на сомневање за криминални и корупциски дела, поголемиот број од сегашните функционери се подобри во однос на поранешните. Затоа е и општиот впечаток кај јавноста дека што е послаба ДУИ, толку е поголема отчетноста на оваа партија пред гласачите, и толку поголеми се шансите да дојдат до израз нејзините вистински кадри, кои досега беа или во пониските ешалони, или воопшто не беа во некакви функции. Од ова може да се извлече и заклучокот дека колку е послаба ДУИ, толку подобро и за нејзините гласачи“, коментира Салиу за „Независен весник“.

Демократската унија на интеграција е дел од владејачката коалиција и во Скопје, каде што раководи со два сектори: „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Познавачите велат дека во Комуналното претпријатие се чувствува голема празнина по заминувањето на Ракип Дочи и доаѓањето на Абдусамед Шабани. И покрај реалниот недостиг од контејнери, возила и вработени на позиции за чистење, отсуствува и знаење за менаџирање на ситуацијата, поради што сликата за Скопје кога е во прашање чистотијата е поразувачка. Подобра е состојбата во „Паркови и зеленило“, каде што Ардијан Муча одлично раководи и со пиарот, па јавноста има впечаток дека таму навистина се работи.

Посебен проблем во менаџирањето на ДУИ со „другата страна на Вардар“ е Старата скопска чаршија која се повеќе станува нова, без чувство за историјата, па го губи шмекот на препознатливоста претворајќи се во простор за остварување на урбаните комплекси и профитерски интереси на ДУИ.

Претседателот Ахмети пред неколку дена рече дека ги охрабрува институциите да покренат истраги за сите случувања од 2002 година до денеска, но правдата да не биде селективна и да не им служи единствено на одредени групи. Последните кривични пријави треба да покажат дека се оди во тој правец. (Г.А.)