До мај ќе трае мораториумот за градба во Центар


Уште два месеца ќе биде на сила мораториумот за градба во општина Центар, информираат од Општината.

По предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ утре Советот на Општина Центар, ќе одлучува за продолжување на одлуката за запирање на спроведувањето на 31 детален урбанистички план односно и до мај  да не се издаваат дозволи за градба.

„Мораториумот се продолжува за уште два месеци, бидејќи зададениот период е краток за да се направи анализа на Деталните урбанистички планови и да се овозможи законитост во постапувањето, а особено поради неопходната потреба за усогласување на планската документација со законските обврски и фактичката состојба“, појаснуваат општинарите.

Општина Центар првата одлука за воведување мораториум за градба ја донесе на 27 декември лани. Од Општината велат сите започнати постапки пред донесување на одлуката продолжуваат да се реализираат по условите кои важат пред носењето на мораториумот.