До крајот на годината ќе почне отстранувањето на токсичниот отпад кај „Охис“
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, се надева дека отстранувањето на индустрискиот токсичен отпад линдан, кој со години се наоѓа во две депонии кај фабриката ОХИС во Скопје, ќе почне до крајот на годината. Постапката ќе трае од три до пет години, а која метода ќе се примени ќе зависи од собраните средства преку Фондот што се формираше во понеделникот во соработка со Канцеларијата за услуга на проекти на Обединетите нации – УНОПС и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Според пресметките, чистењето на отпадот може да чини до 260 милиони евра, а ќе бидат опфатени и големата и малата депонија во ОХИС.
„Се надеваме дека до крајот на годината се ќе биде организирано, ќе бидат собрани пари и ќе се почне со отстранувањето на токсичниот отпад линдан кај фабриката“, рече Рашковски за „Независен весник“.
За решавање на проблемот има три опции и тоа, биолошка ремедијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство. Во меѓувреме, додека отпочне постапката и дојде до завршна фаза, темелно да бидат исчистени депониите од жариштата на токсичниот отпад, што според информации од Владата би траело до пет години, канцерогениот линдан распослан на илјадници тони почва и натаму ќе ги труе граѓаните.
Најжешките точки во земјава се дефинирани уште пред 12 години, а тоа се депониите кај фабриката ОХИС. На проблематиката работел професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, преку европски проект. Објаснува дека линданот е токсична супстанција која ја има во земјава веќе 40 години кај ОХИС и неопходно е да се направи уништување.
„Тоа се перзистентни органски загадувачи за кои според Стокхолмска конвенција, Македонија е должна да ги елиминира, ако се присутни. Линданот е ставен на листата на Стокхолмската конвенција во 2009 година, покрај многуте токсични супстанција и потписниците на таа конвенција се должни да се грижат за нивна елиминација, спречување производство и примена. Линданот е токсична супстанција која ја има веќе 40 години кај ОХИС бидејќи таму се произведувала. Многу е важно да се знае дека на депонијата во ОХИС, линданот како хемикалија е присутна во мало количество, а другото се изомери на хексахлоро-циклохексан кои се помалку токсични од линданот. Тие се четири различни соединенија од кои најтоксичен е линданот. Тоа се произведувало и се продавало како пестицид од пред 40 години, а потоа била забранета неговата употреба. Потоа бил покриен со земја и сега имаме депонија од 50.000 тони во која има вакви хемикалии. Ваквиот отпад го нарушува здравјето, а самиот линдан (HCH) докажано е канцероген. Неопходно е да се уништи таа депонија бидејќи е ставена како жешка точка број еден поради токсичноста и поради локацијата бидејќи е во градот“, рече Стафилов.
Анализите што ќе следуваат треба да покажат која од методите ќе биде најефикасна да се примени при уништувањето на отпадот.
„Кога ја слушнав изјава за отстранување на отпадот, навистина се израдував дека ќе се обезбедат пари и технологија, за да може тој отпад да се уништи и со тоа конечно да се реши изворот на загадувањето. Која метода ќе се примени зависи од финансиите, кои и тоа како ќе влијаат на изборот на технологијата. Здравјето на луѓето нема цена, а се допушта 40 години такво нешто да постои и добро што, еве, се почнува уништувањето. Ако отпадот се носи надвор да се уништува, тоа ќе значи дека државата ќе има големи транспортни трошоци, а уништувањето тука ќе зависи од тоа колку ќе се инвестира, во колкав капацитет на објекти“, додаде Стафилов.
Следната недела се очекува да биде формиран управувачкиот комитет за решавање на четиридеценискиот проблем. Премиерот Зоран Заев изјави дека час поскоро мора да се дислоцира отпадот без последици по околината и граѓаните.
„Познато е дека одредена количина на овој опасен пестицид со години е затрупана во кругот на фабриката и претставува закана за животната средина. Македонија со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004 година, во која линданот е додаден како токсична материја во 2009 година, е обврзана да го реши овој проблем“, изјави Заев во понеделникот.
Од Владата најавија дека до Нова година ќе биде решен и проблемот со радиоактивниот отпад што се чува во складиште во Ѓорче Петров. Неопасниот отпад веќе е дислоциран, а опасниот отпад најверојатно ќе биде даден на продажба. Имаме сознанија дека компании кои се занимаваат со производство на противградни ракети може да пројават интерес да го купат, рече Рашковски.
Вероника Мароска-Леова