Дол му ги викна реформаторите на Мицкоски


Официјалната четворка од ВМРО-ДПМНЕ, која е предводена од претседателот Христијан Мицкоски, ќе добие неочекувана придружба на конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Хелсинки, каде што ќе се избира кандидат за претседател на Европската комисија. Првиот човек на ЕПП, Жозеф Дол, испратил лична покана и до реформаторското крило, предводено од Костадин Богданов и Петар Богојески, како и до сменетиот потпретседател на партијата Митко Јанчев. Целта, според информациите, е да добие појасна слика што точно се случува во најголемата опозициска партија во земјава, која изминативе месеци беше под сериозна критика на меѓународните партнери поради неприфаќањето на договорот од Преспа, односно кочењето на евроинтеграциските текови на Македонија. Со овој потег Дол на некој начин го официјализира реформското крило во партијата, вклучувајќи ги и исклучените, што е директна порака до Мицкоски. Предвидено е исто така Дол да има директна средба со исклучениот Петар Богојески.

Независен весник“ контактираше со сите тројца, но ниту еден не сакаше да потврди ниту да демантира дека ќе патува во Хелсинки. Сепак, дознаваме дека Богданов, кој беше сменет од извршниот комитет, ја одбил поканата, Богојески, кој е исклучен од функцијата заменик-генерален секретар прифатил, додека градоначалникот на Кавадарци ќе одлучи во последен момент дали ќе патува во главниот град на Финска.

Мицкоски: Антизападен сум колку што Заев е чесен

Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски, секретарот за меѓународна политика – Влатко Ѓорчев и советникот за меѓународна политика – Тимчо Муцунски вчера попладне отпатуваа на тридневниот собир на европските десничари, кој ќе заврши в четврток со избор на кандидат за прв човек на ЕК. Предвидено е Мицкоски да учествува и на Самитот на лидери на ЕПП, на кој учествуваат премиери и шефови на опозиција, на кој ќе оствари работни средби и состаноци со негови колеги.

Делегацијата на ВМРО ДПМНЕ ќе ги информира своите партнери за актуелната економско-политичка ситуација во Македонија и драстичното назадување на сите полиња, вклучувајќи го и реформскиот процес. Акцентот ќе биде ставен на злоупотребата на институциите за политички прогон преку кој се врши притисок врз сите кои мислат поинаку од однародената и криминална власт“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот Мицкоски порачува дека анатемата што СДСМ ја фрлил против него оти е антизападен била онолку точна колку што премиерот Зоран Заев бил чесен и честит. Ги демантира обвинувањата и на неговите поранешни сопартијци, кои си заминаа од ВМРО-ДПМНЕ со објаснување оти не сакаат да бидат дел од изолирана групација. Потсетува дека токму новото раководство на партијата било тоа коа се вратило во парламентот и зело активно учество во реформските процеси, за отпочнување на преговорите со ЕУ и оти дел од законите биле изработени од ВМРО-ДПМНЕ. Кога е во прашање договорот, Мицкоски уште еднаш повтори дека никогаш нема да го прифати.

Сепак, во ВМРО-ДПМНЕ барем за кратко ја стишија познатата реторика дека кога би биле на власт, а договорот од Преспа ќе пропадне, ќе успееле да постигнат подобра спогодба од таа што ја потпишаа Никола Димитров и Никос Коѕијас. Впрочем, и од самата ЕПП, ВМРО-ДПМНЕ беше под силен притисок да одговори како планира да го направи тоа ако се има предвид оти при евентуална смена на Алексис Ципрас, на чело би дошле Кирјакос Мицотакис или Панос Каменос, кои имаат проблем да прифатат што било што во себе ја содржи придавката македонски.

Вебер во голема предност пред Стуб

Вмровската четворка има право на глас во изборот за потпретседател, но денеска ќе биде одлучено дали земјите кандидати за членство во ЕУ ќе може да гласаат и за кандидат за претседател на Европската комисија за изборите напролет. Доколку им биде дозволено, четирите гласа од македонската десница ќе завршат кај Германецот Манфред Вебер (46), кој меѓу 758-те пратеници на најсилната европска партија е изразит фаворит во однос на Финецот Александар Стуб (50). Вебер е конзервативец, член на ЦДУ на Ангела Меркел, додека Стуб е припадник на либералното крило на ЕПП.

Секако дека моите шанси се еднакви на оние кога Финска би играла фудбалски натпревар против Германија“, признава Стуб.

Според проценките, кандидатот на Европската народна партија има големи шанси да стане нов претседател на Европската комисија. Концептот на главен или водечки кандидат, познат под германскиот назив „шпиценкандидат“ првпат е користен во 2014 година кога Жан-Клод Јункер беше избран за претседател. Според тој модел, европските политички партии треба да ги истакнат своите фаворити за претседател на ЕК, а Европскиот совет е должен да го предложи оној кандидат што може да собере мнозинство во Европскиот парламент. На европските избори што ќе се одржат од 23 до 26 мај идната година, ќе се избираат и нов претседател на Европскиот совет, Европскиот парламент, висок претставник за надворешна и безбедносна политика, претседател на Европската централна банка… Притоа, се води сметка клучните луѓе да не бидат само од еден дел на Европа, како и на функциите да не бидат назначени само мажи.

Орбан во центарот на вниманието

Делегатите на конгресот на ЕПП во четврток со тајно гласање ќе изберат еден од двајцата кандидати. Пред тоа, во среда вечер, ќе можат директно да го проследат директниот дуел на Манфред Вебер и на Александар Стуб. Една од темите што се очекува да превладее во расправата се прашањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата Фидес. Тие се постојано на удар на критика поради популизмот и отстапувањето од европските демократски вредности. Од ЕПП најавија дека како одговор на Орбан на конгресот ќе усвојат резолуција за одбрана на европските вредности и за заштита на демократијата.

Стуб е многу пожесток критичар и не би било чудно да побара исклучување на Фидес од ЕПП, додека Вебер е повнимателен и се противи на исфрлувањето, иако во Европскиот парламент гласаше против Унгарија да се активира постапката предвидена со членот 7, со кој теоретски може да ѝ се одземе правото на глас во Советот на ЕУ.

Горан Адамовски