Доживотен затвор за Ратко Младиќ


Хашкиот трибунал му одреди доживотен затвор на поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ. Судијата Алфонс Орие, во речиси тричасовното читање на пресудата, рече дека Младиќ и неговата војска се виновни за геноцидот во Сребреница, како и за еден куп други злосторства за време на војната во поранешна Југославија.

Според пресудата, Младиќ е ослободен за геноцид во шест општини (Клуч, Котор Варош, Приедор, Власеница, Сански Мост и Фоќа), но е осуден за геноцид во Сребреница, како и прогон, истребување, злосторства против човештвото, убиства, нехумано дело на присилно преместување, депортација, тероризирање и противправни напади на цивили, земање заложници.

Неговите адвокати побараа прекин на судењето, тврдејќи дека има висок крвен притисок. Младиќ во судницата влезе насмеан. Подоцна беше отстранет откако почна да вика „лага, лага“. Пресудата ја слушна во кревет близу до судницата, а заедно со него беше и лекарски тим.