Доделени првите решенија за обештетување на стечајците


Согласно новиот Закон за обештетување на стечајни работници од фирми со доминантна државна сопственост досега позитивно се решени 1.029 барања. Стечајните работници ќе добиваат по околу 7.500 денари месечно. Исплатата на средствата ќе почне овој месец, но ќе важи ретроактивно од моментот кога го поднеле барањето.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска им ги додели решенијата на триесеттина стечајни работници. Останатите решенијата ќе ги добиваат на домашна адреса наведена во барањето за обештетување.

– Оваа бројка ќе се зголемува во иднина бидејќи барања за обештетување можат да се поднесуваат до септември 2018 година. Како доаѓаат така тековно се решаваат. Исто така, листата на фирми не е затворена, бидејќи како пристигнуваат барања, така се проверуваат фирмите и се донесувааат решенијата, рече Царовска.

Додаде дека доколку во наредниот период се воочат бариери за одредена група стечајни работници кои спаѓаат во оваа категорија, а нема можат да бидат опфатени со законот, ќе се интервенира амандмански со измени или ќе се направи целосно нов закон.

– Пораката е дека навистина ни е важно како што ветивме така да направиме, чекор по чекор сите стечајни да ги згрижиме и да имаат соодветна заштита од државата, рече министерката за труд и социјална политика.

Директорката на АВРМ Билјана Јовановска информираше дека стечајните стечајните работници решенијата ќе ги добиваат на адресата наведена во барањата што ги поднеле до оваа институција.

Рече дека сите потребни податоци кои се неопходни за решавање се прибираат по службена должност и се обработуваат цо соработка со Централниот регистар Фондот на ПИОМ и Централниот депозитар на Хартии од вредност.

Со законското решение предвидено е да бидат опфатени околу 3.000 стечајни работници.

Законот за материјално обезбедување на стечајците беше усвоен на владина седница на крајот на јули годинава, а усвоен од македонското Собрание во септември годинава.

Со законот се опфаќаат невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата по 1 јануари 1995 година, заклучно со 31 декември 2016 година.

Невработено лице може да се стекне со правото ако било најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, утврден со М1/М2 обрасци, ако му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, доколку на денот на влегувањето во сила на овој закон е на возраст од најмалку 52 години (жена) или 55 години (маж), ако работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2016 година и доколку остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно работниот однос не му престанал по негова волја и вина