Договорот со Грција е запечатен и при нова власт


 

Договорот со Грција околу прашањето за името е можно да се раскине при промена власта, како и секој друг договор, но тоа би било крајно несериозно, би биле неопходни низа законски решенија, а последиците ќе ги чувствува нашата земја, велат експертите со кои се консултиравме. Според нив, преземените права и обврски мора да се исполнат, особено што како гарант стои меѓународната заедница. Сепак, раскинување и на вакви договори е можно. Последен пример за тоа е излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, што беше реализирано преку референдумско изјаснување на граѓаните.

Договорот со Грција, доколку ги помине сите неопходни процедури, зборувам за најавениот референдум, уставните измени во нашето Собрание и ратификацијата во грчкиот парламент, ќе биде депониран во Обединетите нации и останува како факт. Доколку утре, задутре, по една, пет, десет или триесет години, некоја идна власт се обиде да го поништи договорот, таа држава не само што ќе го изгуби угледот, туку ризикува и ОН да изгласа санкции. Не може да ги користите бенефициите, да го добиете тоа што сте го договориле, а да не го испорачате ветеното. Светот е поврзан, глобализиран, постојат меѓународни правни субјекти, невозможно е да се сетите на нешто и да се вратите на претходното. Затоа, треба внимателно да се размисли пред да се заврши работата“, вели професорот Владо Поповски.

Дилемата настана откако професори и јавни личности наведоа оти договорот со Грција, кој го сметаат за капитулантски и предавнички, може да биде раскинат при промена на власта во Македонија, објаснувајќи дека каков било меѓународен договор може да биде склучен, а потоа поништен. На пример, во таков случај нејасно е што ќе се случи со земјите што би ја признале Македонија под новото име, што доколку во меѓувреме станеме дел од НАТО или ЕУ, се придружиме во други сојузи…

Тоа би било крајно несериозно. Угледот на државата, според меѓународните односи, се гледа според преземените обврски и воспоставувањето на преземените обврски. Договорот стапува во сила со закон што се носи во Македонија и затоа евентуално раскинување не може да биде предмет на сериозно однесување“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Таа вели дека од правен аспект сѐ е можно, но оти во таков случај ќе треба да биде донесен закон со кој ќе се поништи законското решение за договорот со Грција.

Не зборуваме за договор, туку за закон и за правен систем на една држава“, нагласува Николовска.

Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, кој е професор по Меѓународно јавно право на Славјанскиот универзитет во Свети Николе, во интервју за „Независен весник“ најави дека новата легална власт ќе го поништи договорот со Грција.

Според меѓународното право, договорот не значи ништо додека не влезе во правна сила и на биде ратификуван, а тоа прво треба да го стори македонското Собрание. Во мојата професорска и политичка пракса не сум сретнал договор каде што ратификацијата не се одвива истовремено кај сите потписнички. Значи, ние ќе треба да ги поминеме сите фази, па да дојдеме до грчкиот парламент. По ратификацијата, ќе треба да спроведеме референдум, па да изгласаме уставни измени. Тој меѓународен договор не значи ништо, тој е ништовен според меѓународното право. За да имате еден таков договор, треба да бидат исполнети два услова: договорот да биде вклучен од овластени државни органи и да има дозволен предмет на договарање. Во нашиот случај не е исполнет ниту еден. Прво, Зоран Заев не е овластено лице, бидејќи според домашниот закон единствен задолжен за тоа е претседателот, додека Владата може да склучува договори само по исклучок во точно одредени области: енергетика, култура, јазик, спорт… Дотолку повеќе што Заев е избран од Собрание со кое раководи нелегално избран претседател. Вториот момент е што договорот нема дозволен предмет, затоа што според меѓународното право името не може да биде предмет на договори бидејќи тоа е прашање на внатрешните надлежности и околности на секоја држава“, тврди Бачев.

Горан Адамовски