ДНК игрите на ДУИ: „Мелез“ или „чистокрвен“ за шеф на државата?!


Во екот на лицитирање со евентуалните можни кандидати на владејачката гарнитура за иден шеф на државата, јавниот простор дополнително се контаминираше со сознанието дека ДУИ инсистирала заедничкиот кандидат со СДСМ да има некаков албански корен во своето семејно стебло. Во провокативната тема деновиве беше вовлечен и угледниот професор Денко Малески, кој доби јавна поддршка од лидерот Али Ахмети, на која тој се заблагодари. Малески не сака да го коментира потеклото на своите родители и блиски роднини бидејќи во политичкиот контекст во кој се користи, како што вели непристојно е да се одговори на такво прашање.

„Па, сите сме прво луѓе, дури потоа Албанци и Македонци“, поентира во свој стил професорот и упатува на автобиографската книга „Бебето од катран – Македонија во меѓународните односи 1991-1993“, доколку сака некој да разбере нешто за неговата семејна историја.

Но, тема сега не е првиот министер за надворешни работи на Македонија, ниту неговите евентуални шанси во кандидатската трка, туку политичкото однесување на најголемата албанска партија. Срамно, бедно и под секое ниво е ,макар и зад завесите, дебатата за идниот шеф на државата да наликува, да речеме, на српско-косовската расправија околу потеклото на Паша – шарпланинецот кој претседателот на Србија Александар Вучиќ му го подари на Путин при неодамнешната негова помпезна посета на Белград.

Од ДУИ официјално се обидуваат да се сокријат околу потрагата по „ албанска крвна жичка“, но извори од партијата потврдуваат дека „мешан“ претседател бил нивниот џокер во ракавот. Може само да си замисли јавноста како изгледале тие разговори во зачадените канцеларии меѓу „интегративните првенци“ околу педигрето на идниот шеф на државата.

Соговорници од ДУИ се вадат дека на последните претседателски избори 2014 година како заеднички кандидат со ВМРО-ДПМНЕ го преферирале и предложиле професорот Владо Поповски кој немал „проблем“ со „лозата“, што било одбиено од тогаш владејачката партија. Но, познато е дека, да речеме, Лазе Еленовски две години претходно во 2012 година со помош на неговото албанско потекло по мајка, а на предлог на ДУИ, се вдоми како амбасадор во Белгија, за подоцна да стане и специјален пратеник за НАТО интеграции во Брисел.

„Лазар Еленовски претставува исклучително стручен познавач на евроатлантските интеграции и со своето знаење и експертиза ќе обезбеди значаен придонес во евроатлантските аспирации на Македонија“, ќе соопшти ДУИ.

Според познавачите во ситуација кога го надминавме табуто – асиметрично гласање од етнички аспект, занимавањето на ДУИ со ДНК-то на претседателските кандидати (небаре се швајцарскиот институт „Игенеа“) е исклучително ретроградно и претставува општествено разорна приказна. Ситуацијата на меѓуетнички план не е розова, што несомнено покажа и рефлексот кај Македонците по донесувањето на Законот за јазиците, но факт е дека во 2009 година претседателските кандидати на Нова Демократија и на ДПА, Имер Селмани и Мируше Хоџа, со своето знаење и интегритет освоија и македонски гласови, а никој кај нив не бараше македонска „жичка“. Ниту пак Албанците кои гласаа на последните парламентарни избори за СДСМ се прашаа од каде потекнуваат родителите на Заев и Шекеринска.

„Не за едностран претседател“, беше слоганот со кој ДУИ ја почна кампањата за претседателските избори во 2014 година. Можеби сега слоганот ќе биде „ да за мешан претседател“. „Интегративците“ тогаш не излегоа со свој кандидат, ниту пак го поддржаа Стево Пендаровски (кандидатот на СДСМ) кој ги бараше гласовите на Албанците, туку водеше кампања за консензуален претседател.

„Идејата за консензуален кандидат ДУИ ја изложува од политички мотиви, со цел на некој начин да ја зацврсти позицијата кај Албанците, а од друга страна да го мотивира албснкото гласачко тело да излезе на гласање. ДУИ има и должност со реципрочна услуга да му помогне на СДСМ за соработката и помошта на локалните избори“, вели комуникологот Сефер Тахири. Преку вакви „консензуални флоскули“ и елаборации, вели тој, тие сакаат да профитираат.

„Суштината во моментов воопшто не е дали и кој какви корени има. Тоа се само невешти трикови и манипулации со граѓаните. Дебатата на тој начин оди во тотално погрешен правец. Важно е Македонија да добие претседател со одлично професионално педигре кој ќе биде во служба на сите граѓани, како што не беше слуачј со сè уште актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов. Од друга страна, според мене, СДСМ можеби и сега треба да одигра похрабро и да се определи за кандидат кој и не мора да има пуштено длабоки „партиски корења““, нагласува Тахири.

Според него ни претстои уште многу работа на теренот на градење на развиено граѓанско цивилно општество, повисока политичка култура и чувство за другиот, кое мора да се вгради и преку семејниот и образовниот процес.

Наум Котевски