Директорот на МРТ отфрла вина за договорот со „Аналитика“


Директорот на МРТ Марјан Цветковски, преку соопштение до медумите, негира дека е одговорен за злоупотреба на службената положба и овластувања, откако утрово информираа од МВР дека против него е поднесена кривична пријава за договор што во 2016 година го склучил со фирмата „Аналитика“ за електронско мерење на ТВ аудиториум со пиплметри на територијата на Македонија.

– Со доза на изненаденост ја добив информацијата, пласирана во недела наутро, дека против мене е поднесена кривична пријава и веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина, ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТ се работело и ќе се работи согласно законот, нагласува Цветковски.

Тој додава дека МРТ е сериозен и гломазен систем каде во секоја постапка учествуваат голем број служби. Вели дека споменатиот договор има судски спор и не е исплатен во целост.

Освен за директорот на МРТВ кривичната пријава се однесува и за Г.С (56) кој бил застапник на фирмата „Аналитика“.